На владина седница ќе се носи одлука за „училишна кошничка“. Со мерката треба да се спречи поскапување на школскиот прибор, пред стартот на учебната година. Министерството за економија и трговците се договорија за намалување на цените до 15 проценти.
На списокот повторно најпотребните работи, од ранци и тетратки, до пенкала, моливи, боички и фломастери. За разлика од претходните две, годинава ќе се применува различен модел. Секоја продавница сама ќе си прави свој пакет, па цената ќе зависи од тоа кои производи ќе ги понуди, од брендот и од квалитетот. Според надлежните, училишната кошничка во претходните две години на семејствата им овозможила да заштедат околу 2 илјади денари по ученик.
Сепак, првиот школски ден и натаму носи солидна сметка. За основна опрема на едно прваче потребни се најмалку 5 илјади, а за оние кои сакаат покомплетен прибор, трошокот е меѓу 7 и 10 илјади денари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата