Учениците од основното училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар најдоцна за една недела треба да се вратат на настава со физичко присуство, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање од Сања Лукаревска од СДСМ за условите во училиштето и динамиката на доградбата, посочи дека во моментов наставата делумно се одвива онлајн поради градежните активности, но оти проблемот треба да биде надминат во најкус можен рок.
„За една недела сите ќе учат со физичко присуство“, рече Јаневска, додавајќи дека начинот на организирање на наставата е во надлежност на директорката на училиштето.
Според министерката, доградбата на училиштето доцнела поради административни процедури. Таа посочи дека проектот бил предаден во архива на 18 мај, додека барањето било внесено во системот на 3 јуни, а одобрението било издадено на 28 јули.
Јаневска истакна дека Министерството има коректна соработка со Општина Центар и со училиштето, но нагласи дека организацијата на наставата не е во нејзина директна надлежност.
Таа во Собранието ја обвини опозицијата дека образованието и здравството ги користи за политички поени и повика овие области да бидат издвоени од партиските пресметки.
„Тргнете ги рацете од образованието и од здравството. Суштински се за младите“, порача министерката, додавајќи дека политичките партии треба да се натпреваруваат со добри проекти, а не со, како што рече, собирање лајкови и гласови.
Јаневска истовремено ја обвини претходната Влада предводена од СДСМ дека во период од седум години изградила само едно училиште – „Киро Глигоров“ – и не предвидела дека бројот на ученици во Општина Центар ќе се зголеми, поради што сега е потребен дополнителен простор.
Министерката се осврна и на намалувањето на бројот на ученици и паралелки во училиштата, при што тврди дека ниту еден наставник не останал без работа.
– Тоа го тврдев и тоа го кажувам. Тоа што во претпоследните седум години им одземаа часови на наставници за да дадат и вработат на неопределено други наставници, за да ги лажеме луѓето дека во иднина ќе ги вработиме, за да ги лажеме луѓето да гласаат давајќи им надеж дека можеби некогаш ќе се навредат, јас мојата етика, мојот карактер тоа не го дозволува. Јас ја кажувам вистината – рече министерката Јаневска посочувајќи дека дел од статистиките за намалување на паралелките и учениците се од УНИЦЕФ и Светска банка.
Според неа, дел од училиштата и објектите кои останале празни се пренаменуваат по барање на општините и како пример го посочи барањето на градоначалник од редовите на СДСМ за пренамена на училиште и ученички дом во старски дом. Таа порача дека локалните власти треба самостојно да одлучуваат за намената на објектите кои се под нивна надлежност.
– Конкретно за да не речете дека не сум ви одговорила, да, вашиот градоначалник од една општина, ве молам да ме следите за добро да можете да ми одговорите, имате пратеник од таа општина, градоначалник на СДСМ побара од владата и на Влада донесовме одлука дека да, едно училиште и еден ученички дом по негово барање може да се пренамени во старски дом. Затоа што јас не им давам на градоначалниците што да прават со зградите кои останале празни. Тие се под нивна ингеренција. Ама еве колку да ви кажам дека тој сметал дека ќе има општината исклучително значење да има старски дом. И јас пак велам, секаде каде што мислат луѓето дека треба таков објект, нека си направат објект којшто сметаат дека им е потребен. Зошто старски дом? Населението на земјината топка старее – рече Јаневска.
Во однос на образовниот систем, министерката како приоритети ги посочи подобрувањето на резултатите на учениците, подготовките за ПИСА-тестирањето и унапредувањето на наставата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата