logo
logo
logo

Нова потврда за поддршката од Словачка

СИЛНА ПОДДРШКА ОД СЛОВАЧКА ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАТ: Сали се сретна со министерот Бланар во Братислава

Vecer | 11.09.2026

СИЛНА ПОДДРШКА ОД СЛОВАЧКА ЗА ЕВРОПСКИОТ ПАТ: Сали се сретна со министерот Бланар во Братислава

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, во Братислава оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Јурај Бланар, на која беа потврдени одличните односи меѓу двете земји и силната поддршка од Словачка за европскиот пат на Северна Македонија и Западен Балкан. Средбата беше посветена на европската перспектива на земјата и продолжувањето на соработката со Словачка во процесот на европската интеграција.

Сали му се заблагодари на министерот Бланар за гостопримството и за континуираниот ангажман на Словачка во одржувањето на политиката на проширување високо на агендата на Европската Унија, особено истакнувајќи ја активната улога на Братислава во рамки на групата „Пријатели на Западен Балкан“.

„Европската иднина на Северна Македонија е наша стратешка определба и остануваме целосно посветени на реформите и исполнувањето на обврските што произлегуваат од процесот на пристапување. Истовремено, од суштинско значење е процесот да остане кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, при што исполнувањето на договорените обврски ќе биде проследено со конкретен напредок“, истакна Сали.

Во овој контекст, беше разговарано и за значењето на добрососедските односи и потребата билатералните прашања да се решаваат преку дијалог, меѓусебно разбирање и почитување, притоа зачувувајќи го европскиот и реформскиот карактер на пристапниот процес.

Сали истакна дека Северна Македонија останува посветена на конструктивен дијалог со Бугарија и на градење одржливи добрососедски односи, нагласувајќи ја важноста европскиот процес да обезбеди предвидливост и сигурност дека исполнувањето на договорените обврски ќе овозможи напредок кон следните фази од преговорите.

Соговорниците разговараа и за постепената интеграција на земјите кандидати во политиките и единствениот пазар на ЕУ, спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка и размена на словачкото искуство во процесот на европска интеграција.

Сали нагласи дека поддршката од пријателски и партнерски земји како Словачка е значајна како за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, така и за зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување во целиот Западен Балкан.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk