Пукната топловодна цевка на вториот кат ја предизвикала поплавата во зградата на „Нова Македонија“, каде што се сместени Министерството за образование и наука, Државната изборна комисија и повеќе други институции. Поради продирањето на водата низ електричните инсталации, струјата во објектот е исклучена, а според првичните проценки, за целосно нормализирање на состојбата ќе бидат потребни пет до шест дена.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, за „Скопје1“ вели дека хаваријата се случила околу полноќ, по што веднаш реагирало обезбедувањето од МВР.
„Пукната топловодна цевка ја предизвикала поплавата. Ова се случило ноќеска околу 12 на полноќ, кога веднаш реагирало обезбедувањето од МВР. Уште тогаш е исклучена струјата и екипите од СОЗР почнаа со санирање. Цевката се наоѓа на вториот кат од зградата“, вели Томовски за „Скопје1“.
Поради хаваријата биле активирани агрегатите, но враќањето на електричната енергија ќе следува дури откако ќе се санира влагата и ќе се утврди дека нема ризик за електричните инсталации.
„Се активираа агрегатите, но целосната функција ќе се врати веднаш штом се санира влагата и се приклучи струјата. Бидејќи водата течела низ инсталациите за струја и е ризично. За нормално функционирање, сигурно ќе требаат пет до шест дена“, додава директорот на СОЗР.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата