Повеќе средства за развојни проекти, земјоделци и локалните самоуправи - тоа се главните приоритети што ги носи дополнителниот ребаланс на буџетот за 2026. Според министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска, измените треба да обезбедат ново забрзување на капиталните инвестиции и продолжување на политиките за економски раст.
„Овие измени и дополнувања ги носиме во услови на изразена глобална неизвесност . Геополитичките случувања продолжуваат да влијаат врз светската економија а нивните ефекти се чувствуваат и врз домашните економски текови и врз реализација на буџетот за 2026 година. Затоа со предложените измени ги усогласуваме макроекономските претпоставки и фискалните проекции пред се на расходната страна на буџетот. Целта е да обезбедиме целосна реализација на стратешките приоритети, програмските определби до крајот на годината“, рече Гордана Димитриеска Кочоска.
Пратениците од владејачката коалиција на расправата во Парламентот посочија дека ребалансот е насочен кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии преку политики. Пратениците од опозицијата, пак, тврдат дека дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот не е насочен кон продуктивен развој, не е развоен и не е социјален, посочувајќи дека на граѓаните не им требаат пароли туку резлтати коишто според нив во овие две години изостануваат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата