Неочекуван пресврт на судењето за злоупотребите во „Лотарија“, каде меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби. Првиот сведок предложен од Обвинителството го промени исказот и сведочеше во корист на одбраната, по што обвинителите започнаа да испитуваат дали некој влијаел врз него. Од Обвинителството уверуваат дека не ја губат контролата врз случајот, бидејќи обвинението се темели на материјални докази. Паралелно, против истиот сведок сè уште се води и предистражна постапка.
– Од нему познати причини, реши да го промени исказот што претходно го дал пред Обвинителството. Немаме сознанија дека било влијаено врз него на каков било начин. Тој дел го истражуваме и во моментов преземаме одредени дејства во таа насока. Не можам да откријам ништо повеќе. Против него сè уште се води предистражна постапка, бидејќи е опфатен со пријавата на МВР и во таа постапка имаше својство на осомничен. Пријавата се однесува на повеќе постапки, меѓу кои и онаа за набавката на ВЛТ-апаратите – изјави Коцев.
Судењето се одложи бидејќи не дојде повиканиот сведок на Обвинителството. На минатото рочиште сведочеше раководителот на сектор во Лотарија кој бил дел од Комисијата за набавка на ВЛТ-апаратите, и потврди дека сè уште се тие во магацините на претпријатието и не се користат. Во овој предмет, првообвинетиот ексдиректор, Препарим Бајрами, поранешниот вицепремеир, Артан Груби, и други вработени во Лотарија се товарат за злоупотреба на службената положба поради нанесена штета од околу 9,7 милиони евра преку набавка на покер-апаратите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата