Метастазите кај првиот пациент кој ја прими новата руска вакцина против рак целосно се повлекле, а по четири месеци континуирано следење не се откриени никакви нови тумори, објави Александар Гинцбург, научен директор на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“. Пациентот, кој боледувал од меланом на кожата, веќе ја завршил терапијата со персонализираната антитуморска мРНК вакцина „Неоонковак“ и се чувствува одлично, а неговата здравствена состојба ќе продолжи детално да се следи секој месец во наредните три години преку високорезолуциски компјутерски томографии на целото тело.
Како што појасни Гинцбург, оваа иновативна терапија функционира врз база на мРНК технологија која го програмира имунолошкиот систем на пациентот прецизно да ги препознае и уништи малигните клетки и метастазите. Бидејќи секој тумор е уникатен, лекот се изработува строго индивидуално за секој пациент врз основа на неговите лични генетски податоци. Овој револуционерен третман за првпат беше применет во клиничка пракса во април годинава како заеднички проект на центарот „Гамалеја“ и Националниот медицински истражувачки центар за радиологија при руското Министерство за здравство.
Извор: Sputnik
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата