Поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи е назначен за специјален пратеник за Европската унија со седиште во Брисел. Одлуката ја донела Владата на вчерашната седница, а Фетаи веста ја соопшти преку објава на Фејсбук, во која им се заблагодари на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба, оценувајќи дека новата функција преставува голема чест, но и уште поголема одговорност.
Фетаи доаѓа на новата опзиција откако на почетокот на јуни поднесе неотповиклива оставка од функцијата вицепремиер за добро владеење. Неговото назначување претходно го најави и копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити.
Фетаи им заблагодари на Владата и на премиерот Христијан Мицкоски за укажаната доверба, посочувајќи дека доделувањето на ваквата функцијата му претставува голема чест, но уште поголема одговорност.
„По долгата кариера во Брисел и стекнатото искуство во Владата на Република Северна Македонија, каде што ја покажав посветеноста на европската перспектива на земјата, ја преземам оваа позиција со целосно убедување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Задачата што ми е доверена е да се ангажирам во унапредувањето на процесот на европска интеграција на нашата земја, зајакнување на политичката поддршка во институциите на Европската Унија и земјите членки, придонес кон надминување на политичките и дипломатските предизвици и зајакнување на гласот на Северна Македонија во Брисел и европските престолнини“, - напиша Фетаи во објавата на Фејсбук.
Поранешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, кој беше кадар на Влен, на почетокот на јуни поднесе оставка од функцијата, откако претходно извесен период отсуствуваше од работа.
Во оставката до премиерот, Фетаи изрази благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додаде дека во сегашните околности веќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност. Рече дека заминува со крената глава и чиста совест.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата