logo
logo
logo

ПАРИТЕ ЗА КАЗИНА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИ ПОД ЛУПА: Нов правилник ќе го проверува нивното потекло

Vecer | 22.08.2026

ПАРИТЕ ЗА КАЗИНА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИ ПОД ЛУПА: Нов правилник ќе го проверува нивното потекло

По усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа, продолжува неговата имплементација со нови правила за оние кои сакаат да добијат лиценца за приредување игри на среќа. Министерството за финансии подготвува правилник со кој детално ќе се утврдуваат репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на правните и физичките лица кои аплицираат за лиценци за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочува дека со овој акт дополнително се уредува системот и се пропишува документацијата со која ќе треба да се докажат исполнетите услови.

Таа појаснува дека потребата документација меѓу другото се однесува на изречени санкции за забрана за вршење професија, изречена казна за забрана за приредување на игри на среќа и слични околности кои се значајни за нивното учество во приредувањето на игрите на среќа.

„Ова е важен чекор, Правилникот ги претвора законските принципи во конкретни правила, процедури и критериуми што ќе можат да се применуваат во пракса”, наведува министерката.

Таа додава дека Министерството за финансии работи и на подготовка и донесување на останатите правилници потребни за целосна имплементација на Законот.

„Прецизната регулатива е основа за јасни и фер правила за работа во секоја индустрија, вклучително и индустријата на игри на среќа. За нас, донесувањето на Законот и на позаконските акти не е крајот на процесот. Вистинскиот резултат доаѓа со неговата доследна имплементација. Затоа, секој донесен правилник и секој следен чекор во спроведувањето значи дека законските решенија стануваат реалност, а нивната примена носи поголема заштита за граѓаните и поефикасен систем”, вели Димитриеска-Кочоска.

Новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри беше донесен на крајот на јуни оваа година, од причина што оваа област значително се промени во изминатите години. Со новиот Закон се воведоа повеќе новини чија заедничка цел е поголема заштита на граѓаните, посилна контрола и поодговорно работење во оваа индустрија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk