Полицијата спроведе повеќе одделни акции на подрачјето на СВР Битола, при кои биле извршени претреси на повеќе локации. Во акциите биле пронајдени дрога, оружје и муниција, а пет лица биле лишени од слобода. Од МВР споделија детали за одделните случаи.
Вчера во 15:35 часот, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода А.Д.(20) од село Долно Оризари, битолско. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Битола била пронајдена марихуана.
Вчера во 15:35 часот во село Брезница, општина Македонски Брод, полициски службеницни од ОВР Македонски Брод го лишиле од слобода Б.М.(46) од Брезница. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Кичево биле пронајдени куршуми.
Истиот ден во 10:35 часот во село Евла, ресенско, полициски службеници од ОВР Ресен го лишиле од слобода П.Т.(55) од Ресен. При претреси во неговиот дом во Ресен и во Евла, извршени со судска наредба, биле пронајдени 28 куршуми, испукани чаури и ловечка пушка.
Исто така вчера во село Светомитрани, крушевско, со судска наредба, полициски службеници од ОВР Крушево извршиле претрес во домот на К.Т.(38) од Светомитрани, при што биле пронајдени и одземени ловечка пушка, ловечки патрони, пиштол и две рамки за пиштол.
Вчера во Крушево, полициски службеници од ОВР Крушево, со судска наредба извршиле претрес во домот на ВН.(48) од Крушево, при што била пронајдена и одземена ловечка пушка.
„По целосно расчистување и документирање на случаите, против лицат ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, посочија од МВР.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата