logo
logo
logo

ОД 2027 ГОДИНА СЕКОЈА ТРАНСАКЦИЈА ПОД ЛУПА: Задолжителна е-фактура, УЈП ќе добива податоци за секоја трансакција

Vecer | 11.09.2026

ОД 2027 ГОДИНА СЕКОЈА ТРАНСАКЦИЈА ПОД ЛУПА: Задолжителна е-фактура, УЈП ќе добива податоци за секоја трансакција

Од 2027 година постепено ќе започне задолжителната примена на е-фактурата, со што УЈП ќе добива податоци за трансакциите преку новиот електронски систем. Директорката на УЈП, Елена Петрова, најави дека до крајот на 2026 година треба да се донесе потребниот закон, да се воспостави софтверската и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурите, пред нивната задолжителна примена по фази. Петрова ова го посочи на панел-дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, посветена на даночните приходи, даночниот јаз и борбата против неформалната економија.

Петрова оцени дека една од најзначајните промени ќе биде начинот на кој даночната администрација ќе ги добива и обработува податоците. Наместо агрегирани информации од даночните пријави, УЈП преку е-фактурата ќе располага со структурирани податоци за секоја трансакција и фактура, вклучително и информации за продавачот, купувачот, артиклите и други даночни показатели важни за оданочувањето.

Значително ќе се промени и брзината со која УЈП ќе има пристап до информациите. Додека сега податоците преку даночните пријави се добиваат по завршувањето на даночниот период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни во реално време, веднаш по издавањето на фактурата.

Според Петрова, тоа ќе овозможи поинаков пристап во даночната контрола. Дел од контролите ќе можат да се автоматизираат и да се вградат директно во процесите, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки, како и за доставување неточни податоци.

Со поврзување на информациите од е-фактурите со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, ќе се овозможи подобра анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компаниите и препознавање сомнителни трансакции.

Петрова нагласи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го намали просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.

Крајната цел е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се темелат на податоци и анализа на ризици.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk