Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најавува нови инвестиции во здравството со изградба на нови болници, модерни здравствени центри и нов клинички центар во Скопје. Пратеничката Александра Николовска посочи дека целта е создавање модерен, функционален и достапен здравствен систем, при што истакна дека е затекната сериозно запуштена инфраструктура, недоволна опрема и здравствени објекти во кои со години не било инвестирано.
„Kога зборуваме за здравството, зборуваме за нешто што директно го засега секој граѓанин. Затоа определбата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да изградиме здравствен систем кој ќе биде модерен, функционален и достапен за сите. Затекнавме здравство со сериозно запуштена инфраструктура, нефункционални установи, недоволна опрема и објекти во кои со години речиси ништо не било инвестирано“, рече Александра Николовска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„За да ги подобриме состојбите, фокусирани сме на реализација на Клиничка болница во Штип, Клиничката болница во Тетово, Здравствениот дом во Кичево со проширена дејност, како и студентскиот дом и факултетот за медицински науки.
За овие проекти веќе беше објавен меѓународен повик за финансиери и веќе имаме добиено необврзувачки и индикативни понуди кои се поволни и прифатливи.
Паралелно ја разгледуваме изградбата на големиот клинички центар во Скопје. Проект кој треба да биде еден од најзначајните здравствени проекти во современата историја на државата.
Една од локациите што се разгледува е кај базенот Борис Трајковски, која е стратешка локација која има пристап до два булевара, до гасоводна мрежа и е во непосредна близина на обиколницата.
Станува збор за локација во приватна сопственост и во тек се разговори со сопственикот за можност за замена на земјиштето.
Нашата визија е да изградиме ултрамодерен клинички центар кој нема да биде само за Скопје и за граѓаните на Македонија, туку ќе создаде можност за да привлекуваме пациенти и од соседните држави.
Планот предвидува и топол подземен премин под булеварот Илинденска кој ќе го поврзе новиот комплекс со постоечката болница 8ми Септември.
Во целина се вклопуваат и ПЕТ центарот кој го развиваме како и поликлиниката Букурешт. Тоа значи создавање на целосно заокружен здравствен комплекс со современа инфраструктура и поврзани здравствени услуги.
Од друга страна во изминатиот период целосно ги реконструираме оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на болницата 8ми Септември.
Целосно е реконструирано и одделението за трауматологија во Старата градска болница, објектот во кој со децении немало сериозна инвестиција. А во ГАК вложени се околу 110 милиони денари, од кои околу 35 милиони денари во реконструкција и околу 75 милиони денари во современа медицинска опрема.
Во Клиничкиот центар Мајка Тереза веќе се реконструирани шест операциони сали, а во следните неколку месеци се очекува да бидат пуштени во употреба уште 4 современи операциони сали. Тоа значи дека ќе имаме вкупно 10 модернизирани операциони сали. Реновиравме повеќе од 10 здравствени објекти и клиники и набавивме современа медицинска опрема вредна неколку милиони евра.
Со ова покажуваме дека проблем по проблем, болница по болница и клиника по клиника здравството го менуваме.
Затоа нашата цел и заложба е граѓаните да добијат здравствени установи какви што заслужуваат современа опрема и здравствен систем кој ќе биде подготвен за иднината.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестира денес за граѓаните да имаат подобро здравство утре“, изјави Александра Николовска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата