Нова жртва на западнонилската треска во Скопје. 72-годишен скопјанец почина по компликации од инфекцијата, откако бил хоспитализиран со тешка клиничка слика и изразена невролошка симптоматологија.
Пациентот бил примен со менингоенцефалитис, односно тешко воспаление на мозокот и мозочните обвивки, а уште при приемот бил во тешка општа состојба, информира директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана.
„Кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со западнонилска треска и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход. Пациентот претходно бил хоспирализиран со тешка форма на воспаление на мозок и мозочни обвивки и уште при приемот бил во тешка општа состојба со изразена невролошка симптоматологија“,
изјави директорот на Инфективната клиника.
И покрај интензивното лекување, состојбата кај пациентот прогресивно се влошувала.
Ова е втор смртен случај на пациент заразен со западнонилска треска, по смртта на 83-годишник, кој, исто така, покрај вирусната инфекција, имал повеќе хронични заболувања.
Цана додава дека на Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани вкупно 24 пациенти, од кои кај 19 е потврдено присуство на западнониската треска. Седум од хоспирализираните пациенти се со потешка клиничка состојба и се под интензивен медицински надзор, а пет од нив се на механичка вентилација. Останатите пациенти, додава тој, се хоспитализирани на Одделот за невроинфекции и се во стабилна состојба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата