logo
logo
logo

Нова надеж за повредените од „Пулс“, со помош на регионални експерти продолжува лекувањето

Vecer | 14.08.2026

Нова надеж за повредените од „Пулс“, со помош на регионални експерти продолжува лекувањето

Лекувањето на пациентите со тешки изгореници не завршува со спасувањето на животот или зараснувањето на раните. Напротив, тогаш започнува долго и комплексно патување исполнето со реконструктивни операции, рехабилитација и постепено враќање на функцијата, самостојноста и квалитетот на живот.

На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје беа реализирани повеќедневни стручни консултации за понатамошниот третман на пациентите повредени во трагичниот пожар во Кочани.

По иницијатива на директорката на Клиниката, прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, беше организирана експертска посета од страна на Суб. Спец. д-р Игор Маљковиќ, искусен пластичен и реконструктивен хирург со долгогодишно искуство во лекувањето на најсложените случаи на изгореници. Неговото учество претставува значаен придонес во планирањето на следните фази од лекувањето.

Иницијативата има за цел примена на современите принципи на реконструктивната хирургија и размена на знаење и искуства со врвни експерти од регионот, истовремено потврдувајќи дека грижата за пациентите од Кочани останува еден од главните приоритети на Клиниката.

Во текот на посетата беа извршени детални прегледи и стручни консултации за секој пациент, при што беа дефинирани индивидуални планови за етапно реконструктивно лекување. Секој случај беше разгледан од аспект на функционалното закрепнување, можностите за понатамошни оперативни зафати и очекуваните резултати.

Покрај консултативниот дел, беше реализирана и сложена реконструктивна операција кај еден од најтешко повредените пациенти од пожарот во Кочани.

Операцијата беше резултат на тимска работа и професионална соработка помеѓу д-р Игор Маљковиќ и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, прим. д-р Тренчев, Ас. д-р Нацеска Ѓорѓевска, Ас. д-р Јовановски, спец. д-р Максутлар, спец. д-р Трајков, како и специјализантите д-р Ставриќ, д-р Шемов и д-р Пејоска, д-р Ончев, со поддршка од анестезиолошкиот тим, операционите медицински сестри и целиот персонал на Клиниката.

Грижата за пациентите со тешки изгореници бара знаење, искуство, трпение и пред сè, тимска работа. Успехот не се мери само со успешно изведената операција, туку и со секој следен чекор кој му овозможува на пациентот повторно да ги користи своите раце, да се врати во секојдневниот живот и да ја врати надежта за иднината.

Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија останува посветена на обезбедување континуирана, современа и холистичка здравствена грижа за пациентите повредени во пожарот во Кочани. Со посветеноста на специјалистите, професорите, специјализантите, медицинските сестри и останатиот здравствен персонал, како и преку соработка со врвни експерти од регионот и светот, Клиниката продолжува да го гради патот кон постигнување максимални резултати за секој пациент.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk