logo
logo
logo

НОВ ГОЛЕМ ПОЖАР ГО ТРЕСЕ СТРУМИЧКО: Итно се повикуваат граѓаните да се упатат кон викендиците кај Коњари

Vecer | 22.08.2026

НОВ ГОЛЕМ ПОЖАР ГО ТРЕСЕ СТРУМИЧКО: Итно се повикуваат граѓаните да се упатат кон викендиците кај Коњари

Нов голем пожар избувна денеска во близина на Струмица, во момент кога во земјава и натаму се активни повеќе пожари. Додека директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека големиот пожар во Мариово се става под контрола, од ТППЕ Прилеп пристигна итен апел поради пожарот кој се шири во прилепскиот регион.

Од прилепската противпожарна единица се упатува повик до сите граѓани кои имаат викендици на потегот од хлорната станица кај Новите гробишта, преку Широк пат, до Коњари, да се упатат кон своите имоти, поради големиот пожар и потребата од навремена реакција, јавуваат локалните медиуми.

Ситуацијата е дополнително сериозна поради тоа што пожарите во повеќе делови од земјата се активни, а силниот ветер може дополнително да придонесе за брзо ширење на огнот. Според најновите информации, најкритично е кај Баница и Водоча, додека надлежните служби продолжуваат со интервенциите на терен.

Во прилепскиот регион, според Ангелов, активни се пожари во атарите на селата Мажучиште, Коњари и Бонче, при што пожарот кај Бонче е дел од поголемиот мариовски пожар.

– Добра вест е што мариовскиот пожар е речиси целосно изгаснат и останува активен само кракот кон Бонче. Утрово таму ги упативме тимовите за брз одговор на ДЗС, составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница – изјави Ангелов.

Тој повика да не се создава паника, дека пожари ќе има уште повеќе наредните денови, со оглед на високите температури.

Според него, најалармантно е во близина на Струмица, каде огнот дошол во близина на куќите, но вели дека нема изгорени куќи освен една помошна просторија, а постара жена која не сакала да излезе од својата викендица била на сила извадена.

– Најалармантен е пожарот во близина на Струмица, во атарот на селата Баница и Водоча, кој се заканува на куќите од првиот ред. На терен се пожарникарите од Струмица, а побарав и итна помош од противпожарните екипи од Валандово и Радовиш – изјави Ангелов.

Според него, сериозен пожар е активен и на подрачјето на Општина Студеничани, каде огнената стихија се движи кон планинското село Цветово и претставува закана за објект во кој, најверојатно, има трло.

Ангелов информира дека активен е и пожарот во атарот на тетовското село Церово во Општина Желино, кој избувнал вчера и се шири кон ридскиот предел.

– Гори неквалитетна шума, грмушки и трња, но постои опасност да бидат зафатени и лозовите насади во овој реон. Разговарав со командирот на ТППЕ Тетово, кој ќе испрати дополнителни екипи за заштита на лозјата и околниот имот – рече директорот на ДЗС.

Тој наведе дека нови пожари се регистрирани и во атарот на селото Тајмиште во кичевско, кај селото Ломница во Општина Врапчиште, како и во Општина Маврово и Ростуше, каде на терен интервенираат припадници на ДЗС, пожарникари и локално население.

Според податоците од ДЗС, на територијата на државата во моментов има најмалку 20 пожари на отворен простор, од кои најмалку 11 се активни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk