Во училиштата ќе се воведуваат дополнителни мерки за спречување и санкционирање на врсничкото насилство, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, посочувајќи дека особено загрижува зголемената бруталност во дел од случаите.

Во последните три учебни години во просек се пријавувале околу 50 случаи на врсничко насилство годишно, што според Јаневска покажува дека бројот на случаите не расте, но начинот и тежината на насилството во одредени ситуации стануваат посериозни.
Јаневска ова го истакна на панел-дискусијата „Меѓуврсничко насилство и вандализам“ во Охрид, организирана по повод Меѓународниот ден на младите од Советот за млади под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Очигледно е дека имаме предизвик и мораме да го решаваме. Ценам дека најважни во борбата против врсничкото насилство се превентивните активности. Затоа, со законските измени од минатата година ги задолживме училиштата во своите годишни програми да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека се зајакнуваат стручните служби во училиштата и се вратени дежурствата на наставниците за време на одморите.

Таа информираше дека во соработка со „Телеком“ и УНИЦЕФ е изработен прирачник за справување со сајбер-булингот, додека со компанијата „Макпетрол“ е подготвен Прирачник за справување со врсничко насилство во училиштата. Паралелно, во соработка со Коалицијата СЕГА се подготвуваат национални стандарди за безбедни училишта.
„Анализите покажуваат дека една од главните причини за врсничкото насилство е семејното насилство, како и недостигот од соодветна грижа за децата во дел од семејствата. Затоа, заедно со МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Комората на психолози, неодамна започнавме иницијатива за надградба на компетенциите на училишните психолози и наставници за препознавање семејно насилство и занемарување преку однесувањето на децата и спречување на нивна понатамошна трансформација во насилство насочено кон врсниците“, информираше Јаневска.
Таа додаде дека во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите чии деца извршиле врсничко насилство, како и за оние кои одбиваат соработка со училишните служби.

„Очигледно е дека негативните вредности полесно се наметнуваат и прифаќаат во општеството. Но, младите треба да го менуваат светот, а тоа е можно само преку промена на начинот на размислување и однесување. Укажувајте, спречувајте обиди за булинг, пријавувајте насилство, бидете емпатични, заштитете ги послабите и помогнете им на оние на кои им е потребна помош. Прифаќајте ги вистинските вредности – почитта, толеранцијата, единството и солидарноста“, порача Јаневска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата