По повод Денот на независноста - 8 септември денеска познатата статуа „Манекен пис“ во центарот на Брисел беше облечена во традиционална македонска народна носија.
Статуата, висока 55 сантиметри, е изградена во честа на момче, кое според легендата, го спасило Брисел од пожар, гаснејќи го запалениот фитиљ на експлозивот уринирајќи врз него. Токму затоа бронзената статуа на момче со непоколеблив став е одраз на слободарски, независен и бунтовен карактер.

Церемонијата започна во Градското собрание на Брисел, каде обраќање имаа шефот на македонската Постојана мисија при ЕУ, амбасадорот Зулфи Исмаили, како и претставник на бриселските локални власти.
Во рамки на настанот беше одржана презентација на носијата, по што следуваше и нејзино официјално предавање од амбасадорот Исмаили на градоначалникот на Брисел, Филип Клосе.
На церемонијата присуствува претставници на општествениот и културниот живот на Брисел и на македонската дијаспора и дипломатските мисии во Белгија, меѓу кои постојаниот претставник на земјава во НАТО, амбасадорот Орхан Муретзени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата