Македонија денеска одбележува 35 години од независноста, во знак на историскиот референдум од 8 септември 1991 година, кога граѓаните се изјаснија за самостојна држава. Три и пол децении подоцна, македонското знаме се вее низ улиците, а политичките пораки повторно се фокусираат на прашањата кои со години остануваат во центарот на очекувањата на граѓаните – подобар животен стандард, економски развој и европска иднина. Во изминатите 35 години се менуваа влади, политички гарнитури и генерации, но клучните ветувања и цели пред граѓаните во голема мера останаа исти.
Актуелниот премиер Христијан Мицкоски во својот говор денеска порача дека 35 години се доволна дистанца да пораснеме и да ги разбереме нашите слабости. Мицкоски ги истакна економските политики на Владата, оцени дека и во тешки услови се постигнуваат резултати. Во говорот се осврна и на европскиот пат на земјава.
Христијан Мицкоски – Претседател на Влада: „ Најпрвин треба да се сoздаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница, треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик, туку да се прифати факт кој е вековит стар додека не ги прифатиме овие факти тогаш нема доверба, а кога нема доверба нема ни дијалог“...
Со статус на Фејсбук, честитка по повод денот на независноста испрати и првиот опозиционер Венко Филипче. Според претесдателот на СДСМ обврската на оваа генерација е да се избори за европска Македонија.
Венко Филипче – Претседател на СДСМ: „Да изградиме економски силна, европска држава, со подобар животен стандард, во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома.
Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда што важи еднакво за сите. Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома.
Тоа е нашата генерациска задача.“
На 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на историскиот референдум со убедливо „за“ ја потврдија волјата за суверена и самостојна држава. Референдумското изјаснување претставуваше пресвртница со која започна процесот на создавање независна македонска држава и воспоставување сопствени институции, дипломатска мрежа, безбедносен систем и економски политики.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата