logo
logo
logo

Малевски го нападна Пендаровски оти побара Владата да не брза со решение со Бугарија

Vecer | 24.12.2021

Малевски го нападна Пендаровски оти побара Владата да не брза со решение со Бугарија

Требаше да поминат две години, можеби и повеќе, па проф.Денко Малески, отворено да се пресмета со претседателот Стево Пендаровски. Тој во вчерашната колумна во Плусинфо, насловена како „Крвта (на Заев) бргу се суши“ го обвини шефот на државата дека и тој застанал во редот на оние, кои биле против сега веќе бившиот премиер Зоран Заев, а во контекстот во кој го пишува текстот може да се смета и оти го вбројува во редовите на македонските националисти!?
„…Изјавувајќи дека отсекогаш бил против брзање во решавањето на спорот со Бугарија, вчера и претседателот Пендаровски ги обесмисли храбрите обиди на досегашниот премиер да не заглавиме во ново „грчко сценарио““, пишува меѓу другото проф.Малески.
Факт е дека Пендаровски го смени ставот околу рокот од шест месеци, што новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, го даде за надминување на македонско-бугарските недоразбирања околу кревање на ветото за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Но, дали тоа е вистинскиот повод за пресметка со претседателот на државата? Повеќе би се рекло-не. Зашто, во заднината се кријат разликите во ставовите и на Пендаровски, и на Заев, и на Малески. Проф.Малески му беше советник за надворешна политика на претседателот Пендаровски се до моментот кога шефот на државата во едно интервју не изјави дека, парафразирано, Гоце Делчев бил Бугарин. По реакцијата во домашната јавност, Пендаровски го смени ставот, но го смени и Малески. Притоа во ниту еден момент не го нападна. Напротив, во соопштението од неговиот кабинет застана во одбрана на неговиот интегритет и дигнитет. Но, очигледено Малески не го заборавил настанот, па сега со ситни пацки се пресметува со Пендаровски. Во меѓувреме, проф.Малески отворено застана на страната на Бугарија. И благодарение на тоа стана „милениче“ на власта, особено на досегашниот премиер Заев. Што со други зборови значи дека и Заев ги делел истите размислувања и ставови. Па во знак на благодарност годинава му ја додели и наградата „13 Ноември“. Не лично, нели, туку преку неговите гавази.
„…За кого го правеше тоа Заев? За народот. Проблемот е во тоа што тој ист народ ќе те обеси на плоштад за таквиот бестрашен обид. И така, со заминувањето на Заев, кругот се затвора. Нема веќе продори во надворешната политика, следува време на бесмислено копање ровови кои не значат ништо“, го завршува текстот проф.Малески.
Значи, според проф.Малески, Заев брзал да го реши проблемот со Бугарија за да не се најдеме во ново „грчко сценарио“. Притоа, не е важна цената за тоа, па дури и да станеме Бугари ако треба, нели! И тоа во името на народот на кој се повикува! А, кој го прашал народот за тоа? Дали Заев или тој самиот? Не, ниту имаа намера да го сторат тоа, ниту, пак, Заев некаде напиша во своите партиски и изборни програми, што и со каква содржина ќе потпише. Забележлив е обидот на проф.Малески сите, кои не мислат како што мисли тој и неговиот „вљубеник“ Заев, да ги смета за македонски националисти. И тоа го прави константно како обичен пропагандист, сметајќи дека постојаното повторување на еден ист термин треба да стане чиста вистина. Чудно е само зошто не ги споменува како националисти ни претседателот Глигоров, ни Бранко Црвенковски, ни Љупчо Георгиевски, ни Борис Трајковски, ни Љубомир Фрчкоски, ни Стево Црвенковски… Сите оние кои имаа можност да потпишат договор и со Грција и со Бугарија, ама не го сторија тоа. Тие не биле доволно храбри како Заев и не му се спротивставиле на сопствениот, македонски национализам?! Ептен евтино, наивно и прочитано од црните страници на УДБ-а.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk