logo
logo
logo

Советникот на Заев, „ВИКТОР МАКЕДОНИЈА“ ВО ТАЈНИТЕ ДОКУМЕНТИ НА КОСОВСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Vecer | 29.08.2026

Советникот на Заев, „ВИКТОР МАКЕДОНИЈА“ ВО ТАЈНИТЕ ДОКУМЕНТИ НА КОСОВСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Името на Виктор Петрушевски, поранешниот советник на Зоран Заев за локална самоуправа, е дел од актуелната афера објавена во медиумите во Косово за наводната поврзаност на Фатмир Шехоли, познат политички аналитичар, со српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), објавува МКД.мк

Специјалното обвинителство на Косово на 25 август против Фатмир Шехоли покрена обвинение за шпионажа и уцена. Шехоли е медиумски работник во периодот на Милошевиќ, човек со признато искуство во српските безбедносни структури, во Косово функционер/советник и активист за меѓуетнички односи и познат телевизиски политички аналитичар.

Според наводите на Специјалното обвинителство, на 20 и 21 декември 2024 година Шехоли преку Ватс ап комуницирал со Петрушевски, а од комуникациите, според обвинението, произлегува дека презел активности за организирање физичка средба со Бојан Димиќ, човек на БИА.

Во комуникација од 22 декември 2024 година, според објавените делови од обвинението, Шехоли му се обратил на Петрушевски со порака дека треба да биде подготвен да даде одговори на лицето со кое ќе разговара.

Обвинителството тврди дека на 25 декември 2024 година средбата била реализирана. Во комуникациите од тој ден, според обвинението, Шехоли му кажал на Петрушевски дека се наоѓа во ресторанот, а потоа му го испратил телефонскиот број за кој истражителите утврдиле дека го користел Бојан Димиќ.

Косовското обвинителство го идентификува Димиќ како службеник на БИА, а други косовски извори го наведуваат како директор на Дирекцијата за борба против тероризмот и меѓународниот организиран криминал во рамките на српската служба.

Уште една точка од обвинителниот предмет го поврзува контактот „Виктор Македонија“ со Петрушевски. Според обвинението, на 5 август 2025 година Шехоли му испратил документ означен како „Top Secret 2“ на лице заведено како „Виктор Македонија“.

Косовските медиуми пишуваат дека документот содржел наводен политички и стратешки план поврзан со ширење на исламскиот радикализам во Косово и регионот. Во него се зборува за изградба и проширување на верски објекти и за создавање мрежи со влијание во спортот, медиумите, музиката и политиката.

Според обвинителството, документот бил дел од поширокиот материјал што требало да покаже какви информации и документи разменувал Шехоли со лица поврзани со српските безбедносни структури.

Петрушевски за ТВ Алсат изјавува дека со Шехоли разговарал за бизнис и дека не знаел за неговата наводна поврзаност со српските служби.

Името на Петрушевски во материјалите се појавува и во контекст на лице заведено во телефонот на Шехоли како „Виктор Македонија“. Според косовските медиуми, токму совпаѓањето на ова име со подоцнежното споменување на Виктор Петрушевски во обвинителните материјали е причината поради која тие го идентификуваат лицето како Петрушевски.

Тој ги отфрла сите информации за наводна негова поврзаност со каква било разузнавачка мрежа. „Со Фатмир се запознав пред 2-3 години на една средба каде што беше и тој. Ми се претстави тогаш како директор на еден институт. По извесен период почнавме да комуницираме за политичките и економските случувања во регионот“, изјави Петрушевски за „Алсат“.

Според неговото сведоштво, Шехоли подоцна се интересирал подетално за неговата деловна активност, особено во периодот кога актуелна била темата со јагленот. Петрушевски вели дека Шехоли му кажал оти има силни врски во Србија и може да го поврзе со лица кои би можеле да му помогнат во бизнисот.

„Ми испрати контакт-број од лице од Србија. Кога дознав за кого станува збор и дека истиот нема врска со овој бизнис, решив никогаш да не контактирам“, изјавил Петрушевски.

Тој додава дека Шехоли му препорачал контакт и со неколку други лица, со кои, како што вели, имал кратка средба, но не продолжил комуникација со нив.

Сосема поинаква слика произлегува од обвинителните материјали. Специјалното обвинителство на Косово на 25 август поднесе обвинение против Фатмир Шехоли за две кривични дела – шпионажа и уцена.

Според обвинението, Шехоли бил регрутиран од српската БИА и во периодот до неговото апсење во октомври 2025 година дејствувал според наредби и задачи на службеници на оваа агенција. Обвинителството тврди дека тој собирал и пренесувал податоци, информации и документи поврзани со политичките активности, безбедносната состојба и функционирањето на институциите на Косово.

Шехоли е обвинет и за уцена на лице од Косово, од кое, според обвинението, барал повеќе од 13.000 евра. Предметот е пред Основниот суд во Приштина, а првото рочиште е закажано за 7 септември.

Петрушевски бил директор на АД „Аеродромски услуги“, а во јануари 2021 година бил назначен за советник на премиерот Зоран Заев за локална самоуправа. Во актуелните косовски извештаи Петрушевски е опишан како бизнисмен од Македонија. „Алсат“ објави дека денес тој се занимава со бизнис во областа на нафтените деривати и градежништвото. Телевизијата, повикувајќи се на свои проверки, наведува дека во неговото криминално досие има само една официјална кривична пријава од 24 ноември 2005 година.

На 18 април 2017 година ВМРО-ДПМНЕ објавува дека членот на извршниот одбор на СДСМ и раководител во „Куманово гас“ Виктор Петрушевски, бил фатен со поголема сума на пари од српските цариници.

„Петрушевски беше фатен од српските царински служби како тајно и незаконски изнесува поголема сума пари. Според првичните наоди Петрушевски успеал готовината да ја сокрие од македонските цариници, но бил откриен од српска страна. Виктор Петрушевски освен што е член на извршниот одбор на СДС истиот е поставен и за раководител на комерцијален сектор на „Куманово гас“. Јасно е дека толкава сума евра во готово не се заработува од плата и од чесно работење. Се поставува прашањето чии пари на црно изнесувал Петрушевски? Уште поважно е прашањето за кого биле наменети тие пари и кој требало да биде исплатен“.

Од партијата се сомневаат дека парите биле наменети за српската невладина организација КАНВАС и Сорос, кои ја организирале Шарената револуција во државата. „На каков начин се заработуваат овие пари и дали истите служат за подмирување на трошоците за поранешните обуки, кои КАНВАС им ги држеше за тоа како со боја да уништуваат институции, згради, улици, споменици, сѐ она што е Македонија“, соопшти тогаш Македонија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk