Нов обид да се заобиколи ветото во рамките на Европската Унија. Во Германија во напредна фаза е изработката на нов механизам со кој треба да се блокираат апсурдните вета, какво што е Бугарското вето за Македонија, јавува Алфа ТВ.
Според тој механизам, специјална арбитражна комисија би оценувала дали некое барање, како што е на пример тоа дали Гоце Делчев е македонец или бугарин, внесувањето на бугарите во уставот и слично, како услов за членство во ЕУ, е според Копенхашките критериуми или не, објавува весникот Нова Македонија.
Клучната поента е давањето важност на копенхашките критериуми. доколку некој во иднина во текот на процесот, како што сега го прави тоа Бугарија, постави некое барање што не е во согласност со одредените принципи на лисабонскиот договор, тогаш тоа прашање ќе оди на арбитража – дали едно барање е според копенхашките принципи или не. Арбитражниот процес би се одвивал со соодветна динамика за да не се дозволи предолго чекање без потреба, се вели во текстот.
Според весникот, со овој механизам, кој веќе бил во напредна фаза на изработка, би се избегнало и заглавување во однос на тоа дали ќе се воведе гласање со квалификувано мнозинство, затоа што членките не сакаат да изгубат еден за нив важен инструмент, кој на извесен начин и ги штити. Овој инструмент би се користел и за други случаи.
Информацијата доаѓа во исто време кога во цунамито од бугарски националистички амандмани за годинешниот извештај на европскиот парламент за Македонија има амандмани и на самиот известувач Томас Вајц.
Тој бара од Европскиот Совет да каже каков е правниот статус на вториот протокол потпишан меѓу Бугарија и Македонија. со други зборови Вајц бара одговор дали влегувањето на бугарите во уставот е вистински услов од преговарачката рамка и дали од нив зависи почетокот на преговорите, или е само дел до документ кој нема никаква важност.
Во моментов постои иницијатива со што се предвидува Македонија заедно со Украина, Црна Гора и Албанија, да стане членка на ЕУ на почетокот од 2027 година, со учество во работата на Советот, комисиите и телата на Унијата, но без право на глас.
Со овој модел постојат два задолжителни услови: усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика, со што Македонија веќе го има исполнето, и владеење на правото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата