БЛОКИРАНИ 104 ВЕБ-СТРАНИЦИ ЗА НЕЛЕГАЛНО ОНЛАЈН КОЦКАЊЕ

Vecer | 02.11.2026

БЛОКИРАНИ 104 ВЕБ-СТРАНИЦИ ЗА НЕЛЕГАЛНО ОНЛАЈН КОЦКАЊЕ

Министерството за дигитална трансформација информира дека министерот Стефан Андоновски издал налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа.

„Со ова, вкупниот број записи опфатени со досегашните налози за блокирање достигнува 462. Со ова продолжуваат активностите за спречување на нелегалното приредување игри на среќа преку интернет и за ограничување на пристапот до платформи кои работат спротивно на законските прописи во државата. Овие мерки се насочени кон заштита на граѓаните во интернет-просторот, вклучително и од ризиците поврзани со споделување лични и финансиски податоци на нелегални платформи за игри на среќа. Посебен акцент се става на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн коцкање“ – соопшти МДТ.

Во согласност со доставениот налог, посочува Министерството, АЕК е должна во рок од пет дена од неговото добивање да го проследи до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите треба веднаш да постапат по налогот и да го ограничат пристапот до наведените веб-страници, со прикажување соодветно известување за причината за блокирањето.

„Апелираме граѓаните да бидат внимателни и да не споделуваат лични и финансиски податоци на непроверени веб-страници. Воедно, ги повикуваме родителите и старателите да посветат дополнително внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за ризиците во интернет просторот. Министерството за дигитална трансформација продолжува со преземање мерки во рамките на своите надлежности за сузбивање на нелегалното онлајн приредување игри на среќа и создавање побезбеден интернет-простор за граѓаните“ – се вели во соопштението.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk