Ослободителни пресуди за Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски

ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ПЕЦЕ МАТЕВСКИ, ХАРМОНИКАШ И ДИРЕКТОР НА РЕК БИТОЛА: Условни за Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски

Vecer | 12.11.2026

ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ПЕЦЕ МАТЕВСКИ, ХАРМОНИКАШ И ДИРЕКТОР НА РЕК БИТОЛА: Условни за Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Две години казна затвор за Пеце Матевски, екс-директор на РЕК „Битола“ за незаконитости во тендерот за ископ на јаловина со фирмата „Рудкоп“ Битола во 2022-2023 година.

Условни казни затвор за Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски членови на Стручната комисија, ослободителни пресуди за Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки. Условни пресуди за Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, сите три вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје.

Вака одлучи судијата Горан Димовски од Основниот суд Битола, за судскиот спор кој се водеше околу постапката на РЕК „Битола“ во 2022 година да ја избере фирмата „Рудкоп“ Битола, а да ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина.

Обвинението го застапуваше Оливера Нечаковска од ОЈО Битола.

Што се однесува до замрзнатите 3,5 милиони евра на фирмата „Рудкоп“ Битола сопственост на бизнисменот Кирил Билјановски, судот одлучи парите да останат замрзнати.

„Обвинетите Пеце Матевски, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, прибавиле корист од економскиот оператор ‘Рудкоп’ ДООЕЛ Битола, изразен во разликата помеѓу износот на парични средства… доколку понудата на ‘Гранит’ не била отфрлена на електронската аукција и истиот учествувал на аукцијата, со што му била предизвикана штета на РЕК ‘Битола’ во износ од 178.370.319 денари. Со овие дејствија обвинетите како соизвршители сториле едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. На обвинетиот Пеце Матевски им се изрекува казна затвор од две години, на обвинетите Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, алтернативна мерка условна осуда, им се утврдува казна затвор во траење од 1 година, и се определува ако утврдената казна нема да се изврши доколку обвинетите во рок од две години сметано од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело“, рече судијата Димовски.

Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки се ослободуваат од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажал дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар, рече судијата Димовски.

Обвинетите Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три вработени од Бирото за јавни набавки во Скопје како соизвршители сториле едно кривично дело па судот им изрече алтернативна мерка условна осуда, казна затвор во траење од 8 месеци и истовремено се определува дека утврдената казна нема да се изврши доколку обвинетите во рок од една и пол година сметано од денот на правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Судот со оваа пресуда го упати оштетеното правно лице АД ЕСМ имотно-правното побарување да го оствари во граѓански спор.

Што се однесува до замрзнатите 3,5 милиони евра пари на битолската фирма „Рудкоп“, сопственост на Кирил Билјановски, судот донесе се одлучи да ја почека правосилноста на пресудата.

„Времената мерка која се состои со замрзнување на паричните средства на правното лице ‘Рудкоп’ Битола е определено да трае до правосилно завршување на кривичната постапка, истата останува во сила или до некои суштински измени доколку има потреба“, рече судијата Димовски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk