Обвинителството бара притвор за четири лица од Општина Врапчиште кои со пиштоли и пушка пукале на свадба. По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР), Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар поведе постапка против четири лица од селото Добри Дол, за кои постои основано сомнение дека учествувале во дејствија на кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничените, на 31 јули вечерта, во дворно место од семејна куќа во селото, на свадбена прослава, употребиле огнено оружје и тоа три пиштоли и една пушка од непозната марка и калибар со кои пукале во воздух и со тоа ги довеле во опасност животите на поголем број присутни на свадбената прослава“, велат од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на секој од осомничените, а едниот од нив покрај македонско има и словенечко државјанство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата