Полицијата го барала по бегството од затвор, а го пронашла при истрага за кражба во маркет во Битола. Триесет и петгодишен маж, кој бил баран по потерница, е приведен заедно со уште едно лице, откако од продавница биле украдени околу 30 штеки цигари.
Полициски службеници од СВР Битола на 24 јули ги лишиле од слобода 35-годишниот Ѓ.З. и 29-годишниот А.Ј., двајцата од Битола. Тие се осомничени дека истиот ден извршиле тешка кражба во маркет на улицата „Север-југ“.
При претрес во домот што го користеле осомничените биле пронајдени украдените цигари. Производите потоа му биле вратени на сопственикот на маркетот.
Дополнителната полициска проверка открила дека Ѓ.З. се бара по потерница поради бегство од Казнено-поправната установа Затвор Прилеп. Тој во установата издржувал затворска казна во траење од осум месеци.
По приведувањето, 35-годишникот бил спроведен назад во прилепскиот затвор. Од Министерството за внатрешни работи најавија дека по целосното документирање на случајот против осомничените ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата