logo
logo
logo

ЗАКОНОТ ЗА СКОПЈЕ 2028 ОДИ НА ЈАВНА РАСПРАВА - Мицкоски сака транспарентен процес

Vecer | 31.07.2026

ЗАКОНОТ ЗА СКОПЈЕ 2028 ОДИ НА ЈАВНА РАСПРАВА - Мицкоски сака транспарентен процес

Законот за „Скопје - Европска престолнина на култуурата 2028“ ќе биде ставен на јавна расправа, најави премиерот Христијан Мицкоски, со цел да се обезбеди целосна транспарентност во процесот. Тој посочи дека законот е дел од подготовките за реализација на проектот и е изработен според европските препораки и практики.

Јас ја разбирам реакцијата во јавноста поради тоа што има жесток обид за нејзина дезинформација. ​Прво, станува збор за фондација Скопје – Европска престолнина на културата, и тоа е проект што е започнат уште пред 10 години. ​За жал, досега ништо не е направено – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.

Тој вели дека поради тоа Владата дошла во ситуација да се соочи со еден предизвик, а тоа, како што рече, е првпат проектот Европска престолнина на културата да му биде одземен.

– Затоа влеговме во еден процес во којшто јасно ги дефиниравме приоритетите. Но, еден од тие приоритети е и законот, којшто се прави согласно сите препораки и пракса, на Европската Унија. Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки – потенцира премиерот.

Според него, не станува збор за избор на директор, бидејќи се работи за Фондација преку која, почнувајќи од оваа година ќе се работи на реализација на овој проект.

– За правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или bidbook, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во којашто се дефинирани приоритетите од порано, а Владата и овој градоначалник ги наследија. Тоа се настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година, и секој ден во годината 2028 година, а во 2029 година Фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор – појасни премиерот Мицкоски.

Според него, некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и да ги дезинформира граѓаните.

– Но, она коешто јас како човек, прво, нема да го дозволам, тоа е да остане каков било сомнеж во кој било процес. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од Парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата. За жал, малку ќе задоцниме со некои од подготовките како Влада, бидејќи веќе 10 години се доцни од претходната Влада и од претходните градоначалници, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто сѐ ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028 – рече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk