- Не бев само во Брисел, вели премиерот Христијан Мицксоки додавајќи дека од Македонија бил отсутен околу една недела бидејќи бил на патување што е дел од воспитувањето што го имаат со неговите синови – еднаш во годината да посетуваат еден европски град.
„Таму посетуваме значајни места и разговараме и ја изучуваме историјата на таа држава. Еднаш бевме во Прага, еднаш во Будимпешта. Посетата во Будимпешта ја искористивме да го гледаме натпреварот меѓу Португалија и Унгарија бидејќи на помалиот син Роналдо ми е омилен фудбалер. Потоа, еднаш бевме во Виена. Оваа година немавме можност затоа што јас сум виновен, оваа пролет некако јас немав можност да појдам. Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави Мицкоски.
Попрецизно, премиерот рече дека бил четири дена во градот Бриж и во детали раскажуваше кои места ги посетил и што погледнал таму. Но, Мицкоски кажа и дека три дена поминал во Брисел каде имал средби со инвеститори.
„Немав политички средби. Исто така правевме обиколка во Брисел. Имав три средби со инвеститори кои во Македонија се во завршна фаза на постигнување договор. Едниот е од Германија, едниот е од САД, а третиот прави проширвање на постојната инвестиција и многу наскоро, оваа есен, сите три ќе потпишат договори и јавноста ќе биде запознаена околу содржината на тие разговори“, рече тој.
Мицкоски додаде дека инвестициите се во фаза на реализација, се работи на последните детали од договорите. Очекува договорите да поминат не некоја од следните владини седници.
Премиерот рече дека ги објаснува деталите за патувањето оти, како што рече, за да знаат тие што се љубопитни од опозицијата и да не мора да се распрашуваат.
Мицкоски денеска присуствуваше на отворањето нова спортска сала во ООУ „Круме Кепески“ во Општина Кисела Вода.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата