Денеска во Куманово се уапсени 22-годишната А.С.Д. и 34-годишната М.В., двете од градот, поради сомнение дека со злоупотреба на лични податоци земале брзи потрошувачки кредити во име на 19 луѓе, ги оштетиле за сума од 10 милиони и 820 илјади денари, односно над 175.000 евра, соопшти МВР.
Според полицијата, главна во шемата била помладата од двете жени, А.С.Д., против која е поднесена кривична пријава за „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“, додека против М.В. е поднесена пријава за „помагање“.
„Првоосомничената во периодот од јануари до јули годинава, со однапред подготвен план и со намера да прибави противправна имотна корист за себе и за второосомничената, во 19 наврати ги довела во заблуда оштетените лица. Без нивна согласност и овластување, таа ги користела нивните лични податоци за да аплицира за брзи потрошувачки кредити. По одобрувањето и исплатата на средствата, парите биле противправно присвојувани од двете осомничени. Второосомничената постапувала по претходен договор и ѝ помагала на првоосомничената во реализацијата на измамата, преземајќи дејствија што овозможиле успешно извршување на кривичните дела“, велат од полицијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата