Пратеници Албанци го бојкотираа одбележувањето на 35 години од независноста на Украина и ниту еден од десетте пратеници – членови на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, не присуствуваше на сесијата во македонското Собрание.
- Во истиот момент кога украинскиот претседател Зеленски се изјасни дека Косово е во составот на Србија, не може да ја има нашата поддршка. Во знак на протест решив да не дојдам на сесијата за независноста на Украина во Собранието, ниту, пак, во иднина ќе учествувам на каква било манифестација и одбележување во врска со Украина, изјави пратеникот Ријад Шаќири.
Пратеници Албанци не му простуваат на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неодамнешната изјава при посетата на Белград – дека Украина ги почитува меѓународното право и територијалниот интегритет на Србија, што, пак, ги налути Косовците, по што во Приштина беше симнато огромното украинско знаме, што беше истакнато на висококатница во главниот град на Косово, кое беше симбол за поддршка на таа земја за време на конфликтот во Украина.
Иако е претседател на Интерпартиската група, собранискиот спикер Африм Гаши, ниту тој не присуствуваше на сесијата, а наместо него, воведно обраќање имаше потпретседателот на Парламентот Антонијо Милошоски.
Гаши не одговори зошто отсуствувал од настанот, иако украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир лично се заблагодари нему и на Милошоски што настанот се одржал во Собранието.
Отсуството на пратеници Албанци не останало незабележано и од некои амбасадори кои учествувале во сесијата. Нејасно е само дали станува збор за организиран бојкот на пратениците Албанци или, како што некои од нив ни изјавија, дека сè уште се на одмор или дека не биле известени за сесијата.
Во Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа членуваат 41 пратеник од сите парламентарни партии, а околу 10 од нив се Албанци или припадници на помалите заедници. Од владејачката Вреди, освен претседателот на Собранието Гаши, на сесијата не беа присутни ниту Калтрина Беќири и Саранда Имери Стафа. Од Вреди не можат да ја голтнат изјавата на Зеленски која, како што велат, им оставила горчлив вкус. Како што велат од партијата, ја поддржувале каузата на украинскиот народ за слобода и суверенитет, но дека изјавата на Зеленски за Косово им оставила горчлив вкус.
Зеленски во Белград повтори дека Киев нема да ја признае независноста на Косово.

Илир Демири негира дека намерно ја бојкотирал сесијата
Пратеникот на Алијансата за Албанците Ријад Шаќири за „Слободен печат“ потврди дека намерно ја бојкотирал сесијата за Украина.
– Во истиот момент кога украинскиот претседател Зеленски се изјасни дека Косово е во составот на Србија, не може да ја има нашата поддршка. Во знак на протест решив да не дојдам на сесијата за независноста на Украина во Собранието, ниту, пак, во иднина ќе учествувам на каква било манифестација и одбележување во врска со Украина – ни изјави Шаќири.
Наспроти него, од ДУИ изјавија дека пратениците членови на групата се на одмор и дека нема намера во отсуството на сесијата. Од ДУИ на сесијата не присуствуваа координаторката Рина Ајдари и пратениците Блерим Беџети и Дијана Тоска. Не беше присутен ни Сали Мурат од партијата на Турците.
И независниот пратеник Илир Демири негира дека намерно ја бојкотирал сесијата.
– Не станува збор за бојкот, јас не знаев дека во Собранието ќе се одбележува независноста на Украина и немав покана за сесијата – изјави Демири.
Според информации од Собранието, уште при организацијата на настанот било договорено Милошоски наместо Гаши да ја води сесијата, но нема информација зошто првиот парламентарец и претседател на Интерпарламентарната група таа улога му ја препуштил на потпретседателот Милошоски.
Милошоски, наместо собранискиот спикер неодамна се обрати и од Мечкин Камен при чествувањето на Илинден. Тогаш Гаши ѝ даде приоритет на конференција во Каиро.

Милошоски: Нашата поддршка не е само политичка, таа е, пред сè, човечка
Милошоски во обраќањето рече дека Македонија е солидарна со украинскиот народ.
– Го сметаме украинскиот народ за братски народ, но исто така го сметаме и за нераскинлив дел од мозаикот на европските народи. Нашата поддршка не е само политичка, таа е, пред сè, човечка, и поддршката не е само дипломатска, таа е и материјална и морална и со сè она што можеме како држава во рамките на нашите капацитети да ѝ го дадеме на Украина во денешните услови – рече Милошоски.
Тој додаде дека мирот не значи само прекин на конфликтот, туку создавање услови Украина да може слободно и безбедно да си ја гради својата иднина и да се развива.
Интерпартиска парламентарна група за поддршка на Кримската платформа на Собранието на Република Северна Македонија е формирана на 7 октомври 2024 година, по иницијатива на претседателот на Собранието Африм Гаши како форум за сите иницијативи поврзани со парламентарна димензија на Кримската платформа, кревајќи ја свеста за случувањата во Крим и неговата нелегална анексија
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата