logo
logo
logo

ПРОДАЖБА „НА ЦРНО“ ОД 14,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ: Тројца управители заработија кривични пријави

Vecer | 14.07.2026

ПРОДАЖБА „НА ЦРНО“ ОД 14,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ: Тројца управители заработија кривични пријави

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против тројца управители и сопственици на една компанија, како и против самата фирма, поради сомнение за даночно затајување.

Според соопштението, осомничените во април 2024 година договориле и реализирале продажба на линија за производство на кабли во вредност од 14.514.000 денари, но трансакцијата не била внесена во сметководствената евиденција на компанијата.

Од Финансиската полиција наведуваат дека дел од парите, во износ од 2.701.189 денари, биле префрлени на лични банкарски сметки и на сметки на блиски лица, без тие средства да бидат евидентирани во деловните книги.

Воедно, дел од продажбата, според пријавата, била реализирана преку компензација со патничко возило вредно 1.537.500 денари и кабли во вредност од 1.516.500 денари. Ниту овие средства и стока не биле заведени во сметководствената документација, а при контролата не биле пронајдени кај правното лице.

Финансиската полиција дополнително тврди дека управителот не ги отпишал ниту ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, кои изнесувале 17.380.716 денари.

Со ваквите дејствија, според истрагата, не биле пресметани, пријавени и уплатени данок на додадена вредност, данок на добивка и персонален данок, со што државниот буџет бил оштетен за вкупно 4.677.362 денари.

За случајот ќе одлучува Основното јавно обвинителство Скопје, кое треба да ја продолжи постапката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk