Владата нема намера да воведува забрана за реекспорт на нафтата и нафтените деривати по примерот на други држави, бидејќи македонскиот пазар е стабилен, со солидни државни резерви и целосно исполнети продуктоводи, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашања поврзани со состојбите на пазарот на енергенси и најавените мерки за заштита на стандардот.
Според него, веќе преземените чекори – намалените акцизи и прогласената кризна состојба, даваат конкретни резултати и овозможуваат цените на бензините во земјата да бидат и до половина евро по литар пониски во споредба со државите во регионот. Ваквата разлика во цената директно влијаеше врз пазарната динамика, предизвикувајќи и до 50 отсто зголемен конзум на одредени бензински пумпи, особено во пограничните делови каде што странските возачи точат гориво.
„Секојдневно разговараме со увозниците, уверени сме дека количини има доволно, продуктоводот е полн, државните резерви се солидни, не гледам во овој момент можност и причина за стравување во текот на зимата“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека граѓаните можат да бидат спокојни во однос на стабилноста на снабдувањето.
Сепак, премиерот изрази загриженост за глобалниот аспект на моменташната ситуација и неизвесноста што ја носат меѓународните пазари. Како што истакна, единственото прашање кое останува отворено е до кога целата оваа криза ќе трае, со оглед на тоа што во моментов никој во светот не може да понуди прецизен одговор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата