Струшката полиција поднесе кривична пријава против двајца жители од селото Велешта и фирма поради нелегални ископи на руда во близина на изворите Шум од кои се снабдува Струга со вода за пиење. Со ископите, се сомничат дека ја загадиле и заматиле струшката вода 30 пати над дозволеното.
„ОВР Струга поднесе кривична пријава против две лица од струшкото село Велешта, на возраст од 50 и 54 години, како и против правен субјект од истото село поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘узурпација на недвижности’, ‘незаконита експлоатација на минерални суровини’, ‘предизвикување опасност при градежни работи’ и „загадување вода за пиење“. Пријавените, на повеќе катастарски парцели во лична и во сопственост на други лица, но и на неколку парцели во државна сопственост, вршеле незаконит ископ и експлоатација на минерални суровини без важечки договор за концесија. Нелегалните ископи ги извршувале во непосредна близина на изворите за вода во струшкото село Шум од каде градот Струга се снабдува со вода за пиење, со што придонеле за директно загадување и заматување на водата за пиење од над 30 пати повеќе од дозволеното. На тој начин предизвикале долготраен прекин во водоснабдувањето и забрана за користење на водата за пиење, за одржување на лична хигиена и хигиена на раце“, информираат од СВР Охрид.
Додека го истражуваше случајот со загадувањето на водата во Струга, Обвинителството пред околу шест месеци информираше дека затекнало две правни лица од Велешта кои кршеле, ископувале и транспортирале карпи во поголем обем кај изворите во селото Шум.
Обвинителството тогаш им забрани да ги посетуваат парцелите и да вршат какви било работни активности на подрачјето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата