ДО 500.000 ДЕНАРИ ПОДДРШКА ЗА ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДНИ КОМПАНИИ: Државата покрива 70% од прифатливите трошоци

Vecer | 13.09.2026

ДО 500.000 ДЕНАРИ ПОДДРШКА ЗА ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДНИ КОМПАНИИ: Државата покрива 70% од прифатливите трошоци
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

До 500.000 денари финансиска поддршка можат да добијат домашните компании преку двата јавни повици на Министерството за економија и труд, при што државата покрива 70 проценти од прифатливите трошоци. Мерките се насочени особено кон производните компании, а поддршката опфаќа унапредување на технологијата и технолошките процеси, како и продлабочување на соработката меѓу компаниите и универзитетите. Крајниот рок за пријавување е во вторник, а според заменик-министерот Марјан Ристески, целта е преку овие мерки да се поттикне развојот и конкурентноста на домашниот производствен сектор.

– Со овој повик се овозможува воведување иновативни методи поврзани со циркуларната економија, дигитализацијата и паметната специјализација – објаснува Ристески.

Вкупната вредност на повикот е пет милиони денари, а можат да учествуваат преработувачки компании во партнерство со универзитети. Поединечна компанија може да добие поддршка до 500.000 денари, додека Министерството покрива 70 проценти од трошоците.

Вториот јавен повик е наменет за домашните компании и има за цел имплементација и стандардизација на процесите, како и подобрување на нивната конкурентност. Вкупната вредност на овој повик е два милиони денари, а компаниите можат да добијат најмногу до 200.000 денари, со 70 проценти покривање на трошоците од страна на Министерството.

Ристески вели дека интересот на компаниите за ваквите мерки е голем бидејќи тие овозможуваат унапредување на производството, подобрување на квалитетот и воведување европски стандарди, дигитализација и паметна специјализација.

– Тоа многу значи за развојот на компаниите, а индиректно значи и подобрување на економската состојба, отворање нови капацитети и нови работни места, што е приоритет на Владата и на Министерството за економија и труд – вели Ристески.

Според него, мерките за поддршка на домашниот бизнис веќе даваат резултати преку зголемување на индустриското производство и инвестициите во домашните компании, отворање нови производни капацитети и привлекување странски инвестиции. Сето тоа резултира со подобрување на БДП, отворање нови работни места, а индиректно влијае и врз подобрувањето на животниот стандард – посочува заменик-министерот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk