logo
logo
logo

Наскоро тендер за Штип, проектот за Тетово е во напредна фаза

ТРИ КЛУЧНИ КЛИНИЧКИ БОЛНИЦИ ЌЕ СЕ ФИНАНСИРААТ ОД СВЕТСКА БАНКА И ЕИБ

Vecer | 17.08.2026

ТРИ КЛУЧНИ КЛИНИЧКИ БОЛНИЦИ ЌЕ СЕ ФИНАНСИРААТ ОД СВЕТСКА БАНКА И ЕИБ

Се подготвуваме да потпишеме меморандум за натамошните чекори со Светска банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ) и финансирањето кое се однесува на капиталните инвестиции во клиничките болници во Штип, Тетово и Кичево ќе биде комбинирано од двете институции. Министерството за финансии оцени дека нивната понуда е поповолна, бидејќи е на подолг период и има грант-компонента. Ова денеска го истакна министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека многу брзо ќе се распише тендер за завршување на првата фаза на болницата во Штип, бидејќи тој проект е во две фази.

– Прво се завршува новата зграда, а потоа се рушат дел од старите згради и се доградува дијагностичкиот дел на местото каде се сега дел од старите објекти. Еден стар објект ќе биде зачуван за палијативна нега – рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјава.

Во врска со новиот Клинички центар рече дека треба да бидеме свесни и за финансиските и организациски аспекти и дека негов фокус како министер е прво да се заврши тоа што е пократкорочно.

Тој потенцира дека е распишан и јавниот повик за реконструкција на болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, за што од 2017 година е раскинат договорот и не е пристапено кон завршување.

– Во однос на објектите и инфраструктурата мојот приоритет е најбрзо да ги завршиме тие што се најблиску до завршување и да се фокусираме на тоа. Проектот за болницата во Тетово е во напредна фаза. За сите три проекти Светска банка има свои прашања, одговори, комуницираме дневно, го формиравме тимот кој ќе работи на тоа. Тоа е во апсолутните приоритети. Објектот, кој е започнат во Кичево е преголем за сервисирање на таа општина, земајќи ги демографските промени таму и тоа мора да се земе предвид. Алтернативната локација е на земјиште во Министерството за одбрана во старата касарна на влезот во Кичево со идеја да се обезбеди полесен пристап на пациенти и амбулатни возила – додаде Клековски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk