Поголемо внимание, лична одговорност и грижа за сите учесници во сообраќајот се во фокусот на новата кампања „Внимавај за да стигнеш. За да стигнеме сите“, која започнува денеска, 29 октомври, во рамки на едукативната платформа „Јас внимавам“. Кампањата ја спроведува ОКТА во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Новата иницијатива има цел да ја подигне јавната свест за важноста на внимателното и одговорно однесување во сообраќајот, потсетувајќи дека безбедноста не зависи само од почитувањето на правилата, туку и од грижата за другите учесници.
Преку креативниот концепт „Што пропушташ кога не внимаваш?“, кампањата ги поттикнува граѓаните да размислат за ризиците што често остануваат незабележани при управување возило, преминување улица или движење со велосипед, мотоцикл и тротинет.
Посебен акцент се става на опасностите од одвлекување на вниманието, особено поради користењето мобилни телефони.
ОКТА: Целта е сите безбедно да стигнеме до својата дестинација
Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакна дека одговорното однесување во сообраќајот е заедничка обврска.
„Веруваме дека преку одговорно однесување и поголема грижа кон луѓето околу нас можеме заеднички да придонесеме кон побезбедна сообраќајна средина. Бидејќи, нашата цел не е секој поединец безбедно да стигне до својата дестинација, туку сите безбедно да стигнеме до својата цел“, изјави Пасхос.
Кампањата ќе се реализира преку различни комуникациски канали и теренски активности, со цел пораките за безбедно учество во сообраќајот да допрат до што поголем број граѓани.
Тошковски: Мобилниот телефон не смее да го одвлекува вниманието на возачите
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласи дека секоја постапка во сообраќајот може директно да влијае врз безбедноста на другите.
„Безбедноста во сообраќајот започнува со почитување на правилата, но и со свесност дека секоја наша постапка може да влијае врз другите. Возачите треба постојано да ја следат сообраќајната ситуација, да ги проверуваат ретровизорите и мртвите агли и да не дозволат мобилниот телефон или други фактори да им го одвлечат вниманието“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека сите учесници во сообраќајот треба да бидат внимателни и одговорни, а преку поддршката на кампањата „Јас внимавам“ дополнително ќе се нагласува важноста на превенцијата.
Ангеловски: Не претпоставувајте дека другите ве забележале
Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски, ја истакна потребата од постојано внимание и правилна процена на ризиците.
„Секојдневното учество во сообраќајот бара постојано внимание, добра процена и одговорност. Затоа е важно да не се потпираме на претпоставки, туку да провериме уште еднаш, да го насочиме вниманието кон патот и да бидеме свесни за сите околу нас“, изјави Ангеловски.
Според него, ваквите иницијативи придонесуваат за развивање сообраќајна култура во која секој учесник се грижи не само за сопствената, туку и за безбедноста на другите.
Особено внимание во кампањата се посветува на видливоста на пешаците, велосипедистите и корисниците на тротинети, како категории што се повеќе изложени на ризици во сообраќајот.
„Јас внимавам“ – континуирана посветеност на безбедноста
ОКТА ја започна националната едукативна платформа „Јас внимавам“ во 2017 година, со цел подигнување на јавната свест и поттикнување поодговорни навики кај сите учесници во сообраќајот.
Во изминатите години, преку платформата беа поддржани бројни едукативни активности и иницијативи, меѓу кои едукација на децата, обезбедување рефлектирачки ознаки за првачињата, подобрување на безбедноста на пешаците и поддршка за ранливите категории учесници.
Со новата кампања, ОКТА и институционалните партнери ја продолжуваат заедничката заложба за побезбедни патишта, потсетувајќи дека вниманието на секој поединец е важно за сите безбедно да стигнат до својата цел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата