ЈСП Скопје го отфрла како неосновано припишувањето одговорност на претпријатието за сите пријавени потешкотии со дигиталните студентски пасови, без проверка на поединечните случаи.
Преминувањето на дигитален пас не го укинува правото на бесплатен студентски превоз, нагласува ЈСП Скопје во соопштението.
„ЈСП постапува исклучиво врз основа на официјални и проверени списоци доставени од овластените лица определени од УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и останатите универзитети, односно факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на доставените податоци се во нивна надлежност.
При проверките се утврдени погрешни адреси на е-пошта, обиди за инсталирање на истиот пас на два уреда, што доведува до негово блокирање, како и паралелно користење дигитален пас и електронска картичка. Блокирањето на досегашните картички служи и за спречување двојно користење и можни злоупотреби“ – нагласува ЈСП Скопје.
Според ЈСП, бројот на пријави сам по себе не ја докажува причината ниту одговорноста за потешкотиите.
„ЈСП останува достапно за нивно разрешување во соработка со факултетите и очекува „Студентарија“ целосно да ги пренесе доставените појаснувања. Заклучоците за одговорност мора да се темелат на проверени факти“ – се вели во соопштението.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата