Четири случаи на маларија, три на денга, еден на зика и осум случаи на западнонилска треска се регистрирани во Македонија. Податоците ги соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, кој апелира граѓаните што патуваат во ризични подрачја да ги почитуваат препораките за заштита и превенција.
Според него, по две години без регистрирани случаи на маларија, годинава се евидентирани четири, а сите се поврзани со патувања во Африка и регионот на Индискиот Океан, поточно на Малдиви и Занзибар.
Трите случаи на денга и единствениот случај на зика, исто така, се поврзани со патување на Малдиви.
Клековски предупреди дека денгата претставува хеморагична треска, зика е особено опасна за бремените жени, а маларијата може да има и смртоносни последици кај потешките форми.
Тој ги повика граѓаните кои патуваат во Африка и во регионот на Индискиот Океан, особено на Малдиви и во Занзибар, навреме да се информираат и да ги следат препораките на Светската здравствена организација за вакцинација и превентивна терапија, кои се достапни во Центарот за јавно здравје – Скопје и во другите надлежни здравствени установи.
Во однос на западнонилската треска, министерот соопшти дека се регистрирани осум случаи, од кои еден е поврзан со патување во Грција, додека за останатите се претпоставува дека се локално стекнати. Најголемиот дел од заболените се лица на возраст меѓу 60 и 70 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата