Залутани куршуми предизвикаа серија инциденти низ Скопје, при што еден 70-годишен жител на Кондово е ранет, а во четири одделни случаи е регистрирана материјална штета. Според дневниот билтен на МВР објавен на 6 септември, инцидентите се регистрирани во Арачиново, Бит Пазар, Сарај и Драчево, а ранетиот маж бил пренесен во ГОБ „8 Септември“ со прострелна рана. Полицијата извршила увид на сите локации и презема мерки за расчистување на случаите.
„Според пријавеното, пред трговски центар на подрачјето на Општина Сарај, додека се движел накај неговото паркирано патничко возило, бил погоден од залутано зрно од огнено оружје. Извршен е увид, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот“, се вели во полицискиот билтен.
Во полициска станица Арачиново, 49 годишен жител на Арачиново пријавил дека во дворот во неговата куќа од залутан куршум бил оштетен неговиот автомобил „голф“. Третиот случај го пријавил 30 годишен државјанин на Финска, кој пријавил дека во саботата приквечер во населбата Бит Пазар му било оштетено ветробранското стакло на неговиот автомобил „мерцедес“ со фински регистарски ознаки, при што во внатрешноста на возилото пронашол едно зрно од огнено оружје, а уште едно зрно пронашол надвор од возилото.
Четвртиот инцидент е пријавен доцна вечерта во полициската станица во Драчево каде што е наведено во пријавата дека од заталкано зрно од огнено оружје му бил оштетен олукот од семејната куќа.
За сите евидентирани случаи е извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за нивно расчистување, се вели во полициското соопштение.
Во текот на изминатата 2025 година, според полициксите извештаи контролата врз огненото оружје остана еден од клучните безбедносни предизвици за Министерството за внатрешни работи. Најмалку 180 кривични дела за неовластено изработување, држење и тргување со оружје се евидентирани во полициските билтени со над 200 сторители.
Во неколку полициски акции беа запленети десетици парчиња илегално автоматизирано и кратко оружје со илјадници парчиња муниција. Полициските билтени покажуваат и пораст на инцидентите со неовластено пукање за време на приватни прослави. Како одговор на ваквиот бизнис и безбедносен ризик, кон крајот на годината беа иницирани законски измени за усогласување на домашната регулатива со ЕУ-стандардите за строго маркирање, следење и контрола на поседувањето огнено оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата