Митева најави конкретни мерки и поголема безбедност

СИЛЕН ЧЕКОР ЗА ЗАШТИТА НА НОВИНАРИТЕ: Владата одлучи да формира Национален комитет

Vecer | 27.10.2026

СИЛЕН ЧЕКОР ЗА ЗАШТИТА НА НОВИНАРИТЕ: Владата одлучи да формира Национален комитет

Владата донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, со што се воспоставува институционален механизам за превенција од закани и напади, заштита на медиумските работници и унапредување на слободата на изразување. Одлуката на денешната прес-конференција ја соопшти владината портпаролка Марија Митева, нагласувајќи дека безбедноста на новинарите мора да биде постојана обврска на институциите.

„Едно од правата што секоја власт има обврска да го почитува и да го штити е слободата на изразување и заштитата на новинарската професија. Тоа е принцип од кој треба да тргнува секоја демократска институција“, истакна Митева.

Таа посочи дека со владината одлука се создава организиран механизам за координација меѓу надлежните институции и медиумските организации, чија основна цел ќе биде унапредување на безбедноста на новинарите и создавање услови за слободно и непречено извршување на нивната професија.

„Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“, порача владината портпаролка.

Национален акциски план до 15 декември

Според најавите, Националниот комитет ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да ја зајакнува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и да изработи Национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите најдоцна до 15 декември 2026 година.

Планот ќе биде усогласен со европските стандарди и меѓународните препораки, а ќе се темели на четири клучни области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите, како и промоција и едукација.

Особено внимание ќе биде посветено на развивање механизми за итна реакција, полициска и правна поддршка, како и заштита од закани во дигиталниот простор.

„Посебно значење ќе има и ефикасното постапување во случаи на напади или закани кон новинарите, преку соработка со надлежните органи за спроведување навремени истраги, но и соодветно санкционирање согласно законските надлежности“, нагласи Митева.

Институциите и новинарските организации со заедничка одговорност

Во Националниот комитет е предвидено да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.

Преку заедничка работа ќе се настојува навремено да се идентификуваат ризиците, да се подобри институционалниот одговор на заканите и да се создаде побезбедна работна средина за медиумските работници.

Македонија дел од европската иницијатива „Новинарите се важни“

Митева најави дека Националниот комитет ќе ја поддржи и примената на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа, со што домашните активности за заштита на новинарите ќе се поврзат со пошироките европски напори за унапредување на медиумските слободи.

Со оваа одлука, Владата најавува посистематски пристап кон заштитата на новинарската професија, со јасно утврдени институционални обврски, механизми за постапување и мерки што треба да овозможат новинарите да ја извршуваат својата работа слободно и безбедно.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk