Во текот на 46-тата недела од годинава (од 9 ноември до 15 ноември), пријавени се 154 случаи на грип во државава, што е зголемување од 37,5 отсто (n=112) во однос на претходната 45-та недела. За споредба, во 46-тата недела од минатата сезона, регистрирани беа 117 заболени лица, што претставува зголемување од 31,6 отсто, а во однос на моделот за последните 16 сезони (n=89), се регистрира зголемување од 73,2 отсто, се наведува во извештај објавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Заболените лица оваа недела се регистрирани во Тетово – 49, Скопје – 38, Куманово – 19, Радовиш – 12, Велес – 8, Гостивар – 7, Прилеп – 5, Струмица – 3, по 2 во Ресен, Неготино, Охрид и Штип и по еден во Гевгелија и Македонски Брод. Во однос на возраста, од 15 до 64 години се регистрирани 102 лица, 22 лица на возраст над 65 години, 16 деца на возраст до четири години и 14 деца на возраст од 5 до 14 години. Оваа недела за првпат во сезоната е надминат прагот на вонсезонска активност (I=7,32/100.000) и се бележи ниска (сезонска) активност на грипот на национално ниво.
Во текот на 46-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 64 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за Influenza, SARS-CoV-2 и/или RSV.Од вкупно тестираните материјали, детектирани се четири позитивни примероци за грип од кои три се Influenza A – несубтипизирани, а еден е Influenza А(H3). Регистрирани се три позитивни резултати за SARS-CoV-2.
Во сезоната 2026/2027 вкупниот број случаи со грип изнесува 609 (I=33,2/100.000). Споредено со истиот период од минатата сезона (n=571), бројот на пријавени случаи е за 6,7 отсто повеќе, а во однос на моделот од последните 16 сезони (n=466) се регистрира зголемување од 30,8 отсто. Кумулативно, заболените се пријавени од 19 центри за јавно здравје/подрачни единици. Најголем број заболени лица (n=198) и највисока кумулативна инциденца (118,6/100.000) се регистрира на територијата на Тетово. Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15 до 64 години) – 438 случаи (71,9 отсто).
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата