Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица поради смртта на работникот Кристијан Љушев, кој на 12 јануари загина на самото место откако падна во лифтовско окно во зграда во изградба. Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа, а обвинителот до Основниот суд во Охрид достави и предлог за забрана за статусни промени на двете фирми поради опасност од отуѓување на имотот за време на постапката.
Трагедијата се случила во утринските часови, кога четворица работници ангажирани од второто обвинето правно лице влегле во објектот за да пренесат дел од мебелот. При пристигнувањето на четвртиот кат, Љушев се сопнал од кофа оставена во неуредниот ходник, изгубил рамнотежа и паднал во отворот за лифт сè до подрумските простории, здобивајќи се со смртоносни повреди. Според истрагата, првообвинетиот — одговорно лице во фирмата-инвеститор на објектот — целосно ги игнорирал техничките правила од Законот за градење, оставајќи го лифтовското окно без заштитна ограда, скалите без огради за спречување падови, а влезот на зградата необезбеден за неовластени лица.
Истовремено, истрагата утврдила грубо кршење на работничките права од страна на правното лице кое ги ангажирало работниците и неговиот управител. Починатиот Кристијан Љушев работел во целосно непријавен работен однос, без договор за вработување, без претходен здравствен преглед и без никаква обука или упатства за безбедност и здравје при работа во услови на зголемен ризик, туку извршувал задачи како помошник-монтер исклучиво по усни налози од управителот и без претходна процена на опасностите на градилиштето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата