Опозицијата се претвори во тажно и несреќно друштво кое конструира лаги и шири хистерија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги реакциите на СДСМ по одлуката на УНЕСКО, Охрид да го задржи статусот на светско културно наследство.
– По робусна, интензивна дипломатска активност добивме одложување Охрид да биде ставен на листата загрозено светско културно наследство. По три години, во 2029-та, ќе имаме мониторинг мисија, да се оцени што ќе испорачаме, а во 2031 година ќе биде конечниот извештај. Тоа е голем успех за сите добронамерници и за сите граѓани, со исклучок на опозицијата, која тажи зошто тоа се случило – рече Мицкоски.
Тие тажат веројатно и зошто не банкротиравме, зошто немаме сè уште мигранти, зошто на 1 септември ќе има учебници за сите ученици или кога Скопје ќе ги добие автобусите, додаде тој.
– Во суштина, опозицијата се претвори во тажно и несреќно друштво кое конструира лаги, шири хистерија и апсолутно ништо не остана од оние државотворни партии кои таму едно време, во минатото, орбитирале. Но, нивно е да тажат, да очајуваат, да бидат несреќни и да конструираат невистини и хистерија, а наше е да работиме. На крајот, граѓаните гледаат кој работи и испорачува – рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата