logo
logo
logo

Мицкоски: НЕ СЕ ПОВЛЕКОВМЕ КОГА САД БАРАА СОЈУЗНИЦИ - Силно го поддржуваме Трамп

Vecer | 25.08.2026

Мицкоски: НЕ СЕ ПОВЛЕКОВМЕ КОГА САД БАРАА СОЈУЗНИЦИ - Силно го поддржуваме Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија силно ги поддржува американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација. Тој во интервју за „Брајтбарт њуз“ (Breitbart News) посочува дека сака стратешкиот дијалог со Вашингтон да се претвори во конкретни резултати во безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите, изјави во ексклузивно интервју.

Мицкоски нагласува дека поддршката за Трамп од страна на македонската Влада почнала уште пред тој повторно да биде избран за претседател на САД. Посочува дека Македонија била меѓу првите европски земји што воспоставиле контакт со луѓе од тимот на Трамп уште во текот на неговата изборна кампања во 2024 година.

„Дури и пред да стане претседател на САД, некои од луѓето, кои се дел од неговиот најблизок периметар, нè посетија и за време на кампањата кога немаше премногу европски нации што веруваа дека Трамп ќе стане претседател. Бевме избрани како Влада во јуни 2024 година. Веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024 година, тим од соработници на претседателот Трамп нè посети во Владата и практично во тоа време бевме единствената Влада што ги прими членовите на тимот на претседателот Трамп. Меѓу нив беа секретарот за трговија, Хауард Лутник, Девин Нунес, поранешен член на Конгресот, и Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, кој има македонско потекло. Тие нè посетија во Владата, а ние пренесовме силна порака за поддршка на Трамп пред да стане претседател. Потоа, кога беше избран за претседател, бев поканет на церемонијата на инаугурација и делегација од македонската Влада го посети Вашингтон во тоа време, па ја пренесовме нашата порака за поддршка и подготвеност за зголемување на идната соработка“ изјави Мицкоски.

Тој нагласува дека поддршката на Трамп во Македонија е многу висока, повисока од каде било во Европа, и дека со задоволство би го пречекал Трамп во земјата доколку распоредот на американскиот претседател го дозволува тоа.

„Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани. Кога ќе има слободен временски термин во својот распоред, ние ќе бидеме многу задоволни да го угостиме доколку одлучи да го посети регионот бидејќи, како што реков, како не толку многу сојузници во Европа, ние сме земја која без сомнение дава поддршка кога станува збор за администрацијата на претседателот Трамп, вели Мицкоски.

Во интервјуто посочува и дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала позициите на САД во Обединетите нации, вклучително и за прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба.

Мицкоски вели дека Македонија не се воздржувала од поддршка на САД дури и во ситуации кога тоа можело да има политичка цена.

„Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници за практично да заземат ставови, мојата земја не се криеше во толпата, изјави Мицкоски.

Тој ја посочува и соработката со американскиот претставник Ричард Гренел и со американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, особено во делот на енергетиката и можностите за американски извоз на течен природен гас во регионот.

„Ние сме клучна точка на американските интереси на Балканот и сме силен столб на поддршка на американските интереси на Балканот. Значи, практично, без сомнение, стоиме покрај нашите стратешки партнери, политиката на Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп и силно ги поддржуваме“, истакнува Мицкоски, нагласувајќи дека се надева на уште поголема соработка меѓу САД и Македонија во наредните месеци.

Мицкоски, исто така, нагласува дека Македонија била меѓу првите земји што започнале разговори со администрацијата на Трамп по воведувањето на американските царини и дека во преговорите била постигната билатерална спогодба за нулта царинска стапка.

Според него, Македонија би имала нула царини за извоз на свои производи во САД, а истовремено би применувала нулта царинска стапка за одредени американски производи. Тој изрази очекување дека билатералниот договор би можел официјално да биде потпишан за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Имаме нула царини кога станува збор за извоз на македонски производи во Соединетите Американски Држави. Значи, практично, повеќе или помалку, имаме заедничка основа и мислам дека наскоро, веројатно има можност сега за време на Генералното собрание на ОН да имаме официјален состанок, или во Белата куќа или каде било, за да го потпишеме овој билатерален договор меѓу двете земји. Затоа мислам дека ова ќе додаде вредност на односите меѓу двете земји“ оценува македонскиот премиер.

Според него, таквиот договор би можел да го олесни американскиот извоз и да привлече повеќе американски инвеститори не само во земјава, туку и пошироко во регионот.

„Со потпишувањето на овој билатерален договор, сè ќе биде многу полесно за двете земји. Значи, Соединетите Држави имаат многу силен сојузник на Балканот. Знам дека тие многу го ценат она што го правиме за нашето партнерство. Но, со овој билатерален договор, ќе ги направиме нашите билатерални партнерства многу посилни и многу поизводливи во однос на економската соработка во иднина, а тоа ќе ги отвори портите за американскиот извоз и инвеститори да имаат многу поамбициозна и многу позначајна улога не само на Балканот, туку и во Европа воопшто, изјави Мицкоски.

Тој се надева дека ќе можат да се потпишат повеќе договори во наредните недели кога ќе ги посети Соединетите Американски Држави. Исто така, изрази надеж дека за време на неговиот престој во САД ќе има средба со претседателот Трамп.

Мицкоски порача дека македонската влада сака односите со Вашингтон да ги развива не само политички и безбедносно, туку и преку конкретни економски проекти, инвестиции и инфраструктурна соработка, што, според него, е суштината на стратешкиот дијалог што Македонија го започна со САД.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk