logo
logo
logo

БОТОКС АФЕРАТА ОТВОРИ НОВ СЛУЧАЈ - Стоматолог и претседател на комисија наплаќале шеска во индекс

Vecer | 27.07.2026

БОТОКС АФЕРАТА ОТВОРИ НОВ СЛУЧАЈ - Стоматолог и претседател на комисија наплаќале шеска во индекс

Аферата со ботоксот отвори ново истражно досие во Обвинителството. Анализата на одземените мобилни телефони откри сомнежи за корупција при полагање стручни испити во здравството, по што ОЈО ГОКК отвори истрага против стоматологот и претседател на испитна комисија, осомничени за противзаконито влијание и примање поткуп. Според обвинителството, преку паричен надомест било извршено влијание за обезбедување преодна оценка на стручен испит, а во случајот е опфатена и жена која претходно беше дел од истрагата за нелегален увоз и апликација на ботокс и медицински средства. 

Под лупа на истражителите се наоѓаат доктор по стоматологија, кој е и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, како и претседателот на Испитната комисија за полагање стручен испит за здравствени работници од областа на стоматологијата.

Според обезбедените докази од обвинителството, осомничена жена која веќе беше опфатена во истрагата за нелегален увоз и апликација на ботокс и медицински средства, му дала парична награда на првоосомничениот доктор за тој да изврши притисок и да ѝ обезбеди преодна оценка на стручниот испит.

Од Обвинителството ги објавија точните кривични дела за кои се товарат двајцата медицински работници:

„Јавен обвинител од ОЈО ГОКК денеска донесе Наредба за спроведение истражна постапка против две лица, за кои постои основано сомнение дека првоосомничениот сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, додека на второосомничениот му се става на товар кривичното дело „Примање поткуп“.“

Трговија со стручниот испит преку трансакциски сметки

Специјалното обвинителство го дешифрираше целиот систем на посредување и плаќање меѓу осомничените.

Првоосомничениот доктор го искористил своето влијание и извршил притисок врз претседателот на комисијата за да ѝ се овозможи на осомничената да го положи испитот, по што следувала и паричната исплата.

Во соопштението од ОЈО ГОКК детално се опишува текот на коруптивната зделка:

„По положувањето на испитот, првоосомничениот ѝ ги доставил податоците од својата трансакциска сметка, а осомничената извршила уплата на паричен износ како награда за посредувањето. Согласно досега обезбедените докази, првоосомничениот дел од ветената награда му ја предал на второосомничениот.“

Изведени пред судија во Кривичниот суд

Двајцата осомничени во текот на денешниот ден ќе бидат спроведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.

Надлежниот обвинител ќе побара мерки за обезбедување на нивното присуство за време на постапката:

„Во текот на денот двајцата осомничени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје. Надлежниот јавен обвинител ќе предложи определување на мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на кривичната постапка.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk