Ние во ходникот во Версај, тие ни во ходникот во Абу Даби

Vecer | 13.11.2026

Ние во ходникот во Версај, тие ни во ходникот во Абу Даби
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Историскиот бумеранг ѝ се врати на Европа како сериозен самоудар, кој може и натаму да предизвикува штети за неа. Историјата, пак, сакала да направи можеби и една непристојна паралела, но се наметнува – кога Македонците тропале на вратите на Берлин, Версај или Букурешт, таму не ги сакале, не ги примале, а тие големи Македонци барале држава! Денес ЕУ и Велика Британија испраќаат делегација во Абу Даби на мировните преговори меѓу Украина и Русија со посредништво на Америка, но за нив нема место ни во ходникот, а камоли на преговарачката маса. Зошто?

Во политиката една од најопасните работи е ако твојот фрлен бумеранг ја промаши целта. Тоа значи дека сте погодени од сопственото оружје. Во подлабока смисла оваа метафора со бумерангот ја одразува политичката инфериорност, недостиг од соодветни анализи и предвидувања, но може да биде и мазохистичко настојување на сопствените политики што се несоодветни.

Можеме вака да ја тераме до сто и една, но во основа една наша редакциска илустрација на која Урсула фон дер Лајен го фрла бумерангот и промашува, а потоа се знае дека сите очекуваат тој како томахавк да ја удира во тилот, е метафора на тој политички мазохизам на Брисел. Тоа е наша перцепција, ја извлекуваме како заклучок од нашите анализи, и тоа не само како ЕУ се однесува кон Македонија или кон дел од Балканот, туку како една реалност во која едно џуџе сака да ја крои глобалната геополитичка слика. Не одело тоа така.

Еве и една историска паралела. Македонија повеќе од два века се бори да стане субјект во Европа, се бори да биде признаена како еден од најстарите европски народи, неговата култура, јазикот, писменоста, верата… Дури и болните концесии што ги даде на штета на својот идентитет и историски континуитет не ѝ помогнаа да стане рамноправен субјект, а членството во ЕУ се условува со нешто што е дефиниција за автогеноцид. Е, сега има едно наше „арно ама“.

Видни Македонци, некои и со академски титули, само еден пример како што е случајот со Анастас Коцарев, соработник на нобеловката Марија Кири, се обидувале да влезат на мировните конференции од Берлин, Париз до Букурешт и да кажат дека Македонците се подготвени и заслужуваат да ја имаат Македонија како своја држава, обединета, една и цела како што прилега. Вратите им биле затворени. Не сакале да ги видат и чујат, не сакале ни меморандумите да ги прочитаат. Но трагите останале. Има архивска граѓа што потврдува дека Македонецот кревал глава.

Чин втори, се одигрува сега пред нас, во 21 век. Делегација од Европската Унија плус од Велика Британија заминува во Абу Даби, каде што се водат мировни преговори меѓу Украина, Русија и Америка. Таа делегација, како и напатените Македонци некогаш и сега, не може да влезе и да седне на масата за преговори, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе им каже дека може да прошетаат по Абу Даби и да си резервираат хотелски соби и таму да гледаат телевизија. Толку.

Сосема ја разбирам европската фрустрација, но можеби еден ден ќе станат субјект што ќе решава за мирот и иднината на Европа, доколку го сменат својот однос кон другите и почнат да се гледаат себеси во вистинската големина. Тоа може да биде тешко. Но пропаста на договорите од Минск со посредство на ОБСЕ за мир меѓу Русија и Украина е каменот што не дозволува ЕУ да плива совршено во овие бурни меѓународни времиња, затоа што ЕУ го урна тој процес.

Ние сме анализирале и во насока дека со минирањето на Минските договори се удри и по темелите на европската безбедносна архитектура, а денес Москва на трилатералните преговори како едно од клучните прашања ја поставува иднината на новата европска безбедност.

И тука повторно можат да се видат големи разлики меѓу ЕУ и Русија – Кремљ на масата поставува прашања што ќе значат траен и сигурен мир, додека ЕУ сѐ уште е на ставот за некакво замрзнување на конфликтот и градење мерки на доверба со Русија. Со таков став тешко дека ќе ја седнат Москва со пенкалото во рацете, и тоа им е јасно и на Американците. Кога ЕУ ќе биде подготвена да влезе во ваков тип сериозни преговори на кои ќе се постават новите европски темели, тогаш може да се очекува и нејзина активна улога во тој процес. Но еве сега нов проблем, практично стар, но сега одново на виделина. Кој ги носи решенијата за овие процеси?

Дали Фон дер Лајен, дали германскиот канцелар Мерц, дали францускиот претседател Макрон, италијанската премиерка Мелони, кој решава во Полска во моментов на институционална криза…

Европа има сериозни пукнатини и несогласувања по овие прашања, а капак на сѐ е големата разлика и за идниот буџет на Унијата. Сите ножеви се извадени, апсолутно сите! Еден неодамна извади директорката на Европската централна банка, Кристин Лагард, и тоа беше најголемиот знак прашалник што се поставил во последно време во Европа. Зошто Лагард прерано си заминува? Се изнесоа многу теории, лични причини секако, но една е особено интересна, а е поврзана со лошата финансиска и економска состојба на Франција, а Лагард не сакала да биде на чело на ЕЦБ во време кога би можеле да се донесат непопуларни мерки за една Франција. За големата и револуционерна Франција.

Се спомнува дури и должничка криза од типот на Грција. Времето ќе покаже што е и како е, а времето може да биде и песот што ќе ги лиже раните на многу повредени и навредени во европскиот политички естаблишмент.

Кога ја спомнуваме Грција, ете, да кажеме дека и таа почна да весла со својот кораб спротивно на здравата логика, па го назначи Балканот за безбедносна закана за ЕУ. Мајстори се на својот занает, мајстори за сплетки. Нешто пак ни смислиле. Па, да се насмевнеме, затоа што имаме веќе стекнато имунитет на сплетки, интриги и креирање сценарија и нема да наседнеме. Сега е време кога големите се тепаат, затоа е поарно да седиме на пристојна дистанца. И да го гледаме сопствениот двор, да ги штедиме домашните ресурси, да ја надградуваме безбедноста во секој облик – од здравство, училишта до границите.

Нема да го береме туѓото гајле, но не можеме да ја прескокнеме Америка за време и по изборите во средината на мандатот на Доналд Трамп. Триумф на демократите, но и очигледен триумфализам на глобалистичките идеи. Дали Америка, која ја прегрна МАГА, брзо се откажа од неа?

Тоа е невозможно, барем не во овој момент, затоа што станува збор за сериозна стратегија на Белата куќа разработена и во многу области, како што е важниот безбедносен сектор.

Она што е интересно, покрај нашата констатација дека „трампизмот“ не е мртов, и дека МАГА ќе се шири глобално, за жал на глобалистичките испукани балони, очекувавме дека жилаво ќе се борат, но неолибералите веќе не личат на себе во идеолошка смисла. Далеку се од своите вредности, а сѐ поблиску се до десничарењето, па и популизмот. Ова е фаза кога Трамп е во состојба на „патка што куца“, односно во период кога не оди на втор мандат и има пад на популарноста. Англичаните смислиле израз „лајм дак“. Многу претседатели биле во таква позиција, како на пример Реган, Клинтон, Обама, Буш… еве сега и Трамп.

Но тој има уставни алатки и може да носи одлуки – извршни наредби и да става вета. Ова е тест за Американците во период на некоја верзија на францускиот систем на колаборација. Проблемот кај Трамп и МАГА е што некои од републиканците не ја разбираат големината на МАГА-идејата и се враќаат кон центарот.

И во случајот со Трамп, каменот му дојде од близина, а доказ е импичментот со министерот за војна Пит Хегсет. Сите велат дека Иран е главниот проблем за лошиот изборен резултат, но тоа не е сосема точно. Има уште многу, но од наш агол ќе споменеме дека за американскиот изборен процес и овој пат се покажа проблематично што избирачкиот список е растеглива хартија, онаа што Кинезите умешно ја користат за декорации за големи празници.

Таа Пандорина кутија Трамп еднаш ја отвори, а сега се потврди дека голем дел нерегистрирани гласачи излегуваат на изборите и тие можат и да го решат проблемот. Најголем дел од тие фантомски гласачи се нелегални имигранти. Но, според наша процена, најголемиот проблем сега почнува да станува сѐ повидлив – влијанието на муслиманите во јавниот живот, но и во високата политика.

По Мамдани, кој стана градоначалник на Њујорк, сега и Мичиген го доби својот прв сенатор муслиман. Тој е демократ, кој смета дека Америка треба многу посериозно да се посвети на прашања како што е Палестина, а Израел да биде ставен во некоја скриена фиока. Темата е ставена на јавен увид и за дебати – дали Америка излегува од оската на јудео-христијанските вредности и ќе се движи кон нов цивилизациски терен. Европа е веќе во таква фаза, иако и таа не може да најде цивилизациска мерка како да ги спои старите јудео-христијански вредности и традиции со налетот на исламот во различни форми и дејствувања.

Македонија има историја на мировен соживот меѓу христијаните и муслиманите, но времето ѝ ги донесе и новите форми на исламот, деривирани, па и опасни.

Христо Ивановски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk