Вештото лице за криминалистика Атанас Козарев денеска сведочеше во Кривичниот суд во Скопје на процесот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, оценувајќи дека при постапувањето со доказниот материјал за време на претресот во Неготино на 18 јануари 2026 година не биле применети стандардните форензички процедури и постоела реална можност за пренос или внесување туѓа ДНК. Според сведочењето на Козарев, алуминиумските фолии во кои биле пронајдени банкнотите биле отворани, раздвојувани, недоволно обележани и оставани на подот во просторија без форензичка заштита, со што се губела врската меѓу површините и се создавал ризик од контаминација со биолошки траги од повеќе лица.
Козарев посочи дека пред отворањето и ракувањето со фолиите, секоја од нив мора да биде соодветно фотографирана, означена и документирана од сите релевантни страни за да може подоцна точно да се утврди од каде е земен евентуален брис за ДНК-анализа, додавајќи дека без таква документација тешко може сигурно да се одреди дали трагата потекнува од внатрешната, надворешната, преклопената или скинатата страна. На барање на обвинителката Искра Хаџи Василева, во судница беше прикажано и видео од „Јутјуб“ за сличен случај со пари пронајдени во ѕид во Италија, при што вештакот изрази незадоволство и од тоа постапување, забележувајќи дека дел од присутните на снимката носеле ракавици, а дел не.
Судската постапка што ја води судијката Билјана Коцевска се однесува на 350.000 евра пронајдени во 13 пакувања (во апоени од 500 и 200 евра, дел со рачно напишани износи) скриени во заѕидан простор во тули во домот на родителите на Ристов во Неготино, при што Обвинителството го товари судијата дека давал лажни податоци и не пријавил имот што во големи размери ги надминува неговите законски приходи. Следното рочиште по предметот е закажано за 9 декември.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата