СВЕТСКА БАНКА ЗАДОВОЛНА ОД НБРМ - Македонија чекори кон модерно банкарство

Vecer | 20.11.2026

СВЕТСКА БАНКА ЗАДОВОЛНА ОД НБРМ - Македонија чекори кон модерно банкарство
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Потпретседателката на Светска Банка, Антоанела Басани нагласува дека осумдесетгодишнината на Народната банка е потсетник дека силните институции се градат со постојани вложувања, професионализам и континуитет низ генерациите.

„Во Македонија, кредибилната и независна централна банка има суштинско значење за зачувувањето на монетарната и финансиската стабилност во периоди на значителна глобална економска и геополитичка неизвесност. Групацијата на Светската банка е горда на извонредното партнерство што го градиме со Народната банка во изминативе децении, како и на напредокот што го постигнавме заедно“, посочува Басани.

Како значајни достигнувања од долгогодишната соработка, Басани ги издвојува модернизацијата на платежниот систем, пристапувањето на земјата кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) и подготовките за воспоставување национален систем за инстант плаќања, заснован врз моделот на Европската централна банка. Според неа, овие достигнувања покажуваат како долгорочната соработка придонесува за градење посилни институции и носи конкретни придобивки за граѓаните и компаниите. „Овие придобивки ја зајакнуваат економската интеграција преку поедноставно и поевтино испраќање и примање средства низ Европа, а истовремено им овозможуваат на компаниите, особено на малите и средните претпријатија, полесно да инвестираат, да се натпреваруваат и да растат“, нагласува Басани.

Притоа, таа ја нагласува и значајната улога на Народната банка во процесот на европската интеграција. „Со напредокот на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, Народната банка ќе има клучна улога во усогласувањето на финансиската регулаторна рамка со правото на ЕУ, вклучително и во областа на прудентната регулатива, супервизорските практики, механизмите за управување со кризи и осигурувањето на депозитите, платежните системи, како и новите европски стандарди во областите на одржливите финансии и дигиталната отпорност“, порачува потпретседателката на Светската банка, Басани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk