Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, изјави дека неговата партија останува единствената политичка сила која континуирано е на терен, разговара со граѓаните и ги гради своите политики врз основа на нивните реални потреби, а не врз основа на нарачани анкети и медиумски конструкции. Ова се наведува во партиското соопштение што МИА го пренесе интегрално.
Осврнувајќи се на последните анкети објавени во јавноста, Димитриевски оцени дека граѓаните одамна ја препознаваат разликата меѓу креирање и сондирање на јавното мислење. Тој истакна дека ЗНАМ не троши стотици илјади денари за политички маркетинг, туку вложува време таму каде што е најважно – меѓу граѓаните.
Во рамките на караванот под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, раководството на партијата веќе реализирало бројни средби со граѓани во повеќе градови, а од септември, како што наведуваат од партијата, караванот ќе продолжи со уште позасилена динамика.
– ЗНАМ е меѓу граѓаните во рамките на работното лето. Разговараме со нашите членови и со граѓаните. Ние сме единствената партија во моментов која води една таква постапка и сака да ги слушне граѓаните – изјави Димитриевски.
Осврнувајќи се на владината реконструкција, лидерот на ЗНАМ оценил дека партијата не изгубила ништо, туку направила стратешка политичка трансформација во согласност со својата програма.
Според него, во Министерството за правда ЗНАМ оставила резултати што ќе претставуваат основа за долгорочни реформи. Во соопштението се наведува дека за неполни две години биле подготвени повеќе од 35 законски решенија, од кои дел веќе се усвоени, додека останатите се во владина и собраниска постапка.
Воедно, од партијата оценуваат дека преземањето на ресорот земјоделство претставува враќање кон едно од нивните клучни програмски определби – изградба на самоодржлива Македонија преку поддршка на земјоделците, домашното производство и развојот на македонското село.
Во однос на критиките од СДСМ дека ЗНАМ „не постои“, Димитриевски порача дека политичката реалност не може да се менува со прес-конференции и партиски желби.
– ЗНАМ за неполни две години изгради сериозна политичка инфраструктура, освои парламентарен статус, формираше пратеничка група, има 45 советници низ општините, учествува во Владата и секојдневно работи со граѓаните. Тоа се факти кои никој не може да ги избрише – вели лидерот.
Од ЗНАМ додаваат дека партијата не живее од нарачани анкети, туку од довербата што, како што тврдат, секојдневно ја добива од граѓаните.
„На СДСМ би им порачале да престанат да се занимаваат со желби и политички фантазии за исчезнување на ЗНАМ и конечно да се соочат со сопствената реалност. Движењето ЗНАМ не само што постои, туку секој ден расте заедно со граѓаните. Нашата сила не се создава во маркетинг агенции, туку на плоштадите, во населените места, во домовите на луѓето и во непосредниот разговор со секој граѓанин“, се наведува во партиското соопштение.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата