Се проширува акцијата за сузбивање на илегален увоз и дистрибуција на медицински средства за естетски зафати. Иако првичните активности започнаа вчера, од Обвинителството денеска потврдуваат дека акцијата во моментов се проширува со нови претреси на повеќе локации низ државата и приведување на инволвирани лица.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека во рамки на акцијата, по претходна судска наредба, се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола.
Истрагата, која ја спроведуваат припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, е насочена кон организирана криминална група за која постојат основи на сомневање за сторени повеќе кривични дела. Групата се товари за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма, како и примање поткуп во рамки на илегалната трговија со медицински материјали.
До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, истражните органи продолжуваат со интензивна работа на терен. Акцијата е насочена кон целосно разоткривање на ланецот за дистрибуција на средствата наменети за естетски интервенции, кои биле увезувани и продавани спротивно на законските прописи.
Од ОЈО ГОКК најавуваат дека повеќе детали за идентитетот на осомничените и спецификите на целиот случај ќе бидат соопштени откако ќе завршат сите теренски активности.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата