Наредната недела Алијанса ќе донесе одлука за напуштање на владата, дознава Вечер.мк од извори во Алијанса и владеачката коалиција.
Истовремено, ќе побараат да имаат и член во ДИК, формално како опозициона партија.
Арбен Таравари во оваа одлука ќе го следат 5 пратеници , од вкупно 8 (осум).
Другите три пратеници можат да останат во владата или да делуваат независно, но сепак провладино, наведуваат нашите извори. Во оваа група (останатите три) остануваат Зијадин Села, вклучително и тој како пратеник, заедно со Елми Азири и Илире Даути.
Владиното мнозинство во оваа ситуација ќе опстои. Освен трите пратеници од Алијанса, поддршка ќе имаат и од пратеникот Басри Бајрами и пратеникот Хусни Исмаили.
Сето ова, велат нашите извори е координирано од ДУИ и СДСМ.
Имено, партиски извори наведуваат дека со отцепување на 5 пратениците на Алијанса во опозиција, ќе спречи одлевање на гласовите во опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“ на Демократско движење на Изет Меџити, Движењето Беса на Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши, која одлучи заеднички да настапи на престојните парламентарни избори.
Според сите истражувања на јавното мислење, оваа опозициска коалиција „Европски сојуз за промени“ ќе освои повеќе гласови од ДУИ на изборите во мај 2024.
Тие сега се изедначени. За Европскиот сојуз би гласале 5,1% од гласачите, додека за ДУИ 5,3%, стои во резултатите на Институтот за истражување на политики и добро владеење од Скопје за месец ноември 2023 година. Слични беа бројките и во октомври 2023, кои забележуваат контантен раст на “Европскиот сојуз“ и пад кај ДУИ.
Па затоа и не зачудува инжинерингот на власта со кој, Арбен Таравари треба да се наметне како силен лидер на Алијансата, и потоа по изборите, повторно да биде на располагање да коалицира со СДСМ и ДУИ (за уште некоја недвижност во Скопје). За Алијанса во моментов, би гласале 4,5% од гласачите.
Таравари во средината на ноември 2023 година, (ин)директно го најави тоа што треба да се случи неделава.
На 14.11.2023 тој рече дека последната одлука на партиското раководство на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) е на претстојните избори да настапат самостојно, одговарајќи на новинарско прашање околу понудата на Али Ахмети за настап на Алијанса и ДУИ со заеднички листи на претстојните избори.
– Засега последната одлука на партиското раководство е на избори да одиме самостојно. Сепак оваа одлука треба да помине и на централното собрание што ќе се одржи до крајот на оваа година, некаде во декември. Дефинитивно, Алијанса за Албанците нема да оди со ДУИ со заеднички листи и тоа му го повторив на последната средба со Ахмети. Се подготвуваме за самостоен настап и го мобилизираме членството. Тоа е мој и став на претседателството, а дали ќе се смени, тоа ќе биде јасно по седница на највисокиот орган на партијата, рече тогаш Таравари.
СДСМ и ДУИ со заеднички листи или одвоено - секако губат
Овие пак, владеачките СДСМ и ДУИ, размислуваат да одат со заеднички листи на изборите во мај 2024.
Талат Џафери од ДУИ да биде премиер сто дена пред избори, а координаторот на СДСМ, Јован Митрески нов претседател на Собранието, е најверојатната варијанта за техничката влада, објави вчера „360 степени“.
Канал 5 добил потврда од извори во СДСМ дека овој предлог бил ставен на маса, од нивна страна, на последниот состанок со ДУИ, но од Мала Речица се уште не добиле одговор на понудата.
Аргументите на Бихаќка се дека со ваквото решение, би се постигнал баланс во распределбата на врвните функции во власта, ДУИ не би имала и премиер и претседател на парламентот во исто време, а во случај да не се избере шеф на државата, в.д. претседател би бил етнички Македонец.
На последниот состанок на коалиционите партнери, според информациите на Канал 5, СДСМ излегол и со понуда за настап со заеднички листи на парламентарните избори, но и за ова се уште не добиле одговор од Ахмети.
Што велат анкетите за СДСМ
За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори? На ова прашање, според анкетата на Институтот за политички истражувања (ИПИС), од определените, 20,3 отсто одговориле дека би заокружиле за ВМРО-ДПМНЕ, 11,3 отсто би гласале за СДСМ
Ако идната недела би се одржале парламентарни избори, победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, покажува и ноемвриската анкета на Институтот за истражување на Политики и Добро Владеење – Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата